петок, 12 декември 2025

Британскиот премиер Џонсон повика на солидарност против „руската агресија“

Објавено на

часот

Сподели

„Во основа, војната во Украина би била катастрофална за рускиот и за украинскиот народ, но и за европската безбедност, а НАТО јасно стави до знаење дека секој упад во Украина би имал огромни последици и скапо би чинел“, изјави британската министерка за надворешни работи Лиз Трас на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Западните влади ја повикуваат Русија да преземе акција и да ја деескалира кризата предизвикана од распоредувањето на повеќе од 100.000 војници на Москва долж границата со Украина, воените бродови во Црно Море и испраќањето дополнителни војници и воена опрема во друг украински сосед, Белорусија, за да одржи воени вежби, кои почнаа денеска.

Украина исто така почна воени вежби, кои ќе траат од денес до 20 февруари.

Лавров рече дека само „дијалогот со заемно почитување“ може да доведе до нормализација на односите.

„Идеолошки пристапи, ултиматуми, закани – сето тоа не води никаде“, рече Лавров.

Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, пристигна во Брисел за да разговара за кризата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а потоа продолжи во Полска на средба со лидерите на таа земја.

Џонсон ја нарече ситуацијата „најголемата безбедносна закана со која се соочила Европа во последните децении“ и повика на солидарност со сојузниците во НАТО. Тој за новинарите изјави дека не мисли оти рускиот претседател Владимир Путин донел одлука дали да ја нападне Украина, но додаде дека „нашите разузнавачки податоци сѐ уште се загрижувачки“.

Столтенберг рече дека испратил писмо до Лавров во кое ја повикува Русија да одржи повеќе разговори со цел „да се најде дипломатски пат напред“.

„Подготвени сме да ги слушнеме грижите на Русија и да разгледаме начини за зачувување и зајакнување на основните принципи на европската безбедност на кои сите сме им посветени“, рече Столтенберг.

Столтенберг го повтори својот став дека Русија нема право на вето за тоа кој припаѓа во членството во НАТО, но дека алијансата е подготвена да разговара за одредени безбедносни прашања, како што се воените вежби и контролата на вооружувањето.

„Обновувањето на руската агресија ќе доведе до зголемување на присуството на НАТО, а не до намалување“, додаде Столтенберг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ