недела, 14 декември 2025

Британски полицајки глумеле дека се тркачи и уапсиле 18 мажи поради вознемирување на жени

Две полицајки од Англија во цивилна облека, облечени во хеланки и тесна, спортска облека, трчале неколку дена по редовните патеки за трчање како дел од полициската кампања против вознемирување на жени.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за обид да се документира и искорени сексуалното вознемирување на улица, за кое полицијата вели дека „не секогаш може да биде кривично дело, но треба да се сфати сериозно“.

Кампањата, за која првпат објави Ел-би-си, е одржана на локации претходно идентификувани како жаришта за вознемирување на жени. Додека полицајките трчале во спортска облека, во близина биле распоредени специјални единици, подготвени да интервенираат штом се случи несоодветно однесување.

„На една од нашите колешки ѝ свирнаа по само десет минути“, рече инспекторот Џон Вејл од полицијата во Сари. „По само 30 секунди друг возач забави, свиреше и гестикулираше – толку е често ова однесување“.

Вејл нагласи дека иако не секое дофрлување е кривично дело, може сериозно да влијае на секојдневниот живот на жените.

„Некој што забавува, зјапа, вика… Можеби не е криминалец – но дали ќе ескалира? Дали е сексуален престапник? Сакаме навремено да управуваме со тој ризик“, рече тој.

Полицијата во Сари вели дека пробната фаза од операцијата траела еден месец и резултирала со 18 апсења – за прекршоци, вклучувајќи вознемирување, сексуален напад и кражба.

Една од полицајките што учествувала во операцијата, полициската службеничка Аби Хејвард, рекла дека однесувањето што го доживеала во цивилна облека било идентично со она што многу жени го трпат секој ден.

„Ни дофрлуваат. Ни свират. Луѓето забавуваат само за да нè гледаат – или се наведнуваат низ прозорецот за да довикнат нешто. Тоа е толку често, но тоа е вознемирување и треба да се третира како такво“, рече Хејвард.

Таа додаде дека кампањата веќе имала влијание – некои сторители биле идентификувани, додека други биле предупредени и едуцирани.

„Ова однесување често е вовед во нешто посериозно – или е резултат на незнаење, кое може да се поправи. Затоа интервенираме: за да спречиме повторување или да им помогнеме на луѓето да сфатат дека она што го прават е погрешно.“

Сојузот за слобода на говорот ја критикуваше кампањата, тврдејќи дека станува збор за „бизарна социјално-психолошка вежба“ и ја повика полицијата да се фокусира на спроведување на постојните закони, а не на експериментални методи.

Полицијата во Сари соопшти дека пристапот имал за цел заштита на жените и девојките на јавни места.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ