Британски одбранбени извори потврдија дека воените опции за пресретнување и запленување на вакви бродови се утврдени во разговорите со сојузниците на НАТО. Заканата доаѓа еден месец откако САД, со британска помош, го запленија рускиот танкер Маринера во Атлантикот.
Според разузнавачките податоци од Лојдс лист интелиџенс, 23 бродови од „флотата во сенка“ што пловеле со лажни или сомнителни знамиња биле забележани во Ламанш и Балтичкото Море само во јануари. Многу од нив се поврзани со извозот на руска нафта, главно во Кина, Индија и Турција.
Во заедничка изјава потпишана кон крајот на минатиот месец, Велика Британија, Германија, Франција и други членки на НАТО со пристап до Балтичкото и Северното Море порачаа дека сите бродови мора „строго да се придржуваат кон важечкото меѓународно право“. И покрај ова, не е преземена никаква конкретна акција.
„Кралската морнарица можеше да ги запре сите овие бродови повикувајќи се на поморското право, бидејќи тие во суштина се без државјанство“, рече Ричард Мид, главен уредник на поморското списание Лојдс лист. „Сепак, тие не го сторија тоа поради ризикот од ескалација“.
Минатиот месец, Кралските маринци одржаа брифинг пред британските пратеници, а еден од присутните рече дека маринците „со нетрпение чекаат“ наредба за преземање акција.
Пред еден месец, САД го гонеа танкерот Маринера од Карибите до Северниот Атлантик, каде што беше запленет помеѓу Шкотска и Исланд. Иако првично пловеше под лажно знаме, за време на гонењето беше повторно регистриран под руско знаме во неуспешен обид да избегне запленување.
Реакцијата на Русија на тој настан беше пригушена. Сепак, операцијата предводена од Обединетото Кралство или друга европска земја би била значително посложена „бидејќи Москва веројатно би одговорила посилно“, верува Мид. Тој додаде дека ризиците би можеле да се намалат ако акцијата се случи надвор од балтичките или арктичките води.
На 22 јануари, пред да ја потпише заедничката изјава, Франција го заплени танкерот Гринч покрај брегот на Шпанија. Бродот исплови од Мурманск под знамето на Коморите, но една недела подоцна, францускиот претседател Емануел Макрон го информираше својот украински колега дека танкерот мора да биде ослободен поради одредбите од францускиот закон.
На крајот на јануари, британскиот министер за одбрана во сенка, Џон Хили, најави состанок на балтичките и нордиските земји за да разговараат за „воените опции што би можеле да ги спроведеме“. Тој посочи дека запленетата нафта може да се продаде, а приходите „да се инвестираат во Украина за борба против инвазијата на Путин“.
Русија произведува околу 10 милиони барели нафта дневно, од кои околу 5 до 6 милиони барели се извезуваат по море, главно во Кина и Индија. По почетокот на инвазијата на Украина, Западот воведе санкции и ограничувања на цените на руската нафта.
Како одговор, Москва потроши околу 15 милијарди долари за купување на околу 400 стари танкери, честопати стари повеќе од 20 години, за да создаде своја „флота во сенка“.
„Ова е група стари, лошо одржувани бродови со нетранспарентна сопственост, честопати несоодветно осигурани, кои пловат под знамиња на земји со мал или никаков надзор и сè почесто користат лажни знамиња“, објасни Гонзало Саиз Ераусквин од британскиот тинк-тенк институт Ројал јунајтед сервисес.
Иако идејата е позајмена од Иран и Венецуела, кои исто така се под санкции, руската „флота во сенка“ функционира одделно. Токму она што ја прави привлечна за Москва – избегнувањето регулативи – ја прави и ранлива. Брод што плови под лажни или повеќе знамиња се смета за брод без државјанство и затоа може да се заплени, иако правните толкувања во Европа се разликуваат.
Не е сигурно колку заплената на еден или два танкера би ѝ наштетила на московската економија. Од крајот на ноември, седум танкери од „флотата во сенка“ беа погодени од беспилотни летала, а Украина ја презеде одговорноста за четири од нападите. Податоците за извоз не покажуваат значителен пад како резултат на тие напади, иако количините се помали во однос на есенскиот врв.
Постојат знаци дека Москва реагира на заканите од Западот со пререгистрација на танкери под руското знаме. Моментално, повеќе од 200 бродови од „флотата во сенка“ се во функција, но во исто време, расте и руската флота под државното знаме.
Британските закани доаѓаат во време кога руската економија изгледа поранлива. Воениот економски бум се намалува, растот се забавува, а падот на глобалните цени на нафтата ѝ штети на руската државна каса.
Јулија Павјцка, експерт за санкции во Киевскиот економски институт, вели дека приходите на Кремљ од нафта и гас „се намалија за 24% во 2025 година“ на 8,5 трилиони рубли. Овие приходи сочинуваа 22% од државниот буџет во 2025 година, што е значително намалување во споредба со 41% во 2022 година.
Павјцка додаде дека ЕУ разгледува целосна забрана за обезбедување поморски услуги, како што е осигурувањето, за руските бродови, што, според неа, би било „многу болно“ за Москва, особено ако е придружено со воена акција.






