Компанијата Ово енерџи минатата недела на своите корисници им испрати листа на десет „едноставни и исплатливи начини“ зимава да им биде топло.
Освен гушкањето на милениците, на корисниците им советуваа да ги предизвикаат децата на хула-хоп натпревар, да вежбаат или да ги исчистат своите домови. Сето ова во време кога во Британија се очекува раст на цените на енергенсите и животните трошоци.
Според некои предвидувања, сметките за гас и струја во април на милиони домаќинства би можеле да им пораснат за над 50 отсто.
Дарен Џонс, пратеник во британскиот парламент и претседател на Одборот за деловна, енергетска и индустриска стратегија, ги нарече советите „навредливи“ и побара од компанијата да се извини.
„Не сум сигурен кој ја одобрил маркетинг кампањата која на луѓето им советува, ако не можат да си дозволат греење, да носат џемпери и да јадат каша“, порача Џонс.
Компанијата во меѓувреме се извини за содржината и „лошата проценка“.
„Разбираме колку ситуацијата на многу наши корисници годинава ќе им биде тешка. Се трудиме да најдеме смислени решенија за пристап во оваа енергетска криза. Непријатно ни е и искрено се извинуваме“, соопштија преку Фајненшал тајмс.






