Од 1991 година, кога се распадна Советскиот Сојуз, Лондон или „Лондонград“ (хумористичен прекар што го доби по руското именување на градови како Ленинград, Калининград) стана реномиран глобален центар за прилив на огромни суми пари од поранешните советски републики.
Противниците на Путин постојано го повикуваат Западот да ја заостри политиката кон руските пари, иако руските власти продолжуваат да инвестираат во некои од најлуксузните европски дестинации.
„Јасно ставаме до знаење дека ако Русија преземе акција против Украина, тогаш дополнително ќе ги заостриме санкциите кон режимот таргетирајќи ги деловните кругови и луѓето најтесно поврзани со Кремљ“, изјави Кларк за Скај њуз.
Британската влада оваа недела ќе воведе нов закон со проширен опсег на санкции што може да се применат на Русија во обид да се одврати од агресија врз Украина, објави во неделата министерката за надворешни работи Лиз Трус.
Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Велика Британија постојано го предупредуваат Путин дека ќе се соочи со последици во случај на напад врз Украина, долж чија граница распореди околу 100.000 војници.
Руските власти му порачуваат на Западот дека нема право да ѝ дели лекции на Москва бидејќи токму западниот воено-политички сојуз по 1991 година се ширеше кон исток и посеа хаос во Ирак и Сирија.






