Како што пренесува Скај њуз, програмата би требало да започне во март 2026 година, а во почетната фаза ќе опфати околу 150 млади луѓе, планот е подоцна да се прошири на повеќе од 1.000 учесници годишно.
Учесниците би биле ангажирани за период до две години, без распоредување во активни воени операции.
Програмата е замислена како платена едногодишна пауза, но износот на надоместокот сè уште не е објавен.
Целта е учесниците рано да се запознаат со воениот живот и да стекнат вештини, со надеж дека некои од нив подоцна ќе одлучат да продолжат со службата, иако нема да имаат обврска за тоа.
Воениот дел од програмата предвидува 13 недели основна обука во рамките на двегодишната обврска, додека поморската програма би траела една година и би понудила „професионално неутрална“ обука.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека програмата ќе им овозможи на младите луѓе во Велика Британија да се запознаат со вештините и обуката што ги нудат армијата, Кралската морнарица и Кралските воздухопловни сили.
Тој додаде дека сака можностите во вооружените сили да бидат дел од разговорот за иднината на младите низ целата земја.
Британската армија веќе нуди едногодишни паузи пред, за време или веднаш по студиите, но интересот е мал, со помалку од 10 пријавени минатата и оваа година.
На почетокот на овој месец, шефот на британските воздухопловни сили, Ричард Најтон, предупреди дека „синовите и ќерките“ на Велика Британија мора да бидат подготвени да се борат доколку е потребно.
Во февруари, анкета спроведена за весникот Тајмс покажа дека само 11 проценти од генерацијата Зет во Велика Британија, на возраст од 18 до 27 години, би биле спремни да се борат за својата земја, што е половина од бројот пред 20 години.






