среда, 31 декември 2025

Брисел покрена постапка против Унгарија според механизмот за владеење на правото

Објавено на

часот

Сподели

„Утврдивме прашања што може да претставуваат прекршување на владеењето на правото и кои влијаат на буџетот на ЕУ“, рече на прес-конференцијата потпретседателката на Комисијата за транспарентност, Вера Јурова.

Постапката е покрената со испраќање писмо што е официјална опомена. Од името на Европската комисија го испратил комесарот за буџет Јоханес Хан, но содржината на писмото не е објавена.

На својот профил на Твитер, Хан напиша: „Денес Европската комисија го издаде своето прво известување според Регулативата за општи услови. Унгарија сега е повикана да одговори на загриженоста на Европската комисија. Наша должност е да го заштитиме буџетот на ЕУ, Комисијата продолжува да ги проверува сите држави-членки во рамките на овој инструмент“.

Според правилата, постапката може да потрае и до девет месеци.

Унгарија сега има два месеци да одговори на писмото, а Комисијата еден месец да го анализира одговорот.

Потоа, Комисијата може да предложи суспензија или намалување на плаќањата од европските фондови поради констатираните прекршувања, а конечната одлука ја носат членките на ЕУ со двојно мнозинство.

За казната мора да гласаат најмалку 15 земји-членки, со најмалку 65 отсто од населението на ЕУ.

Уредбата, која никогаш претходно не била користена, му овозможува на Европскиот совет да усвои, по барање на Европската комисија, мерки како што се суспензија на плаќањата финансирани од буџетот на Унијата или суспензија на одобрувањето на една или повеќе програми финансирани од буџетот.

Механизмот беше одобрен од Европскиот суд на правдата претходно оваа година, откако Унгарија и Полска изразија незадоволство од Комисијата во последниве години поради реформите што ја ограничуваат независноста на судството и граѓанското општество или ги таргетираат правата на малцинствата, вклучувајќи ги жените и ЛГБТК-заедницата.

Унгарија и Полска, кои поради таа уредба можеа да останат без значителни средства од европскиот буџет, во март минатата година се обратија до Судот на ЕУ и побараа нејзино поништување, но Судот во февруари годинава го одби нивното барање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ