петок, 12 декември 2025

Брегзитот им донел на Британците поголеми трошоци, повеќе бирократија и застои на границите

Објавено на

часот

Сподели

Еден ден откако премиерот Борис Џонсон именуваше државен секретар за „потенцијалите на брегзитот“, Одборот наведе дека „единственото видливо влијание“ на излегувањето од ЕУ досега е поголемиот товар на компаниите.

Британија го напушти огромниот единствен пазар на стоки и услуги на Европската Унија на 31 декември 2020 година. Поголемиот дел од трговијата на двете страни и понатаму се одвива без царини, но брегзитот донесе многу нови царински проверки и други бариери за претходно непречената трговија.

Поддржувачите на брегзитот наведуваа дека излегувањето од ЕУ, во која Британија влезе во 1973 година, ќе ѝ овозможи на таа земја да ја намали бирократијата, да ја зголеми продуктивноста и да ја модернизира економијата.

Претседателката на Одборот за јавна потрошувачка Мег Хилиер, пратеничка на опозициската Лабуристичка партија, кажа меѓутоа дека „единственото видливо влијание досега се зголемените трошоци и бирократијата и застоите на границите“.

Пред брегзитот, Британија половина од трговијата ја вршеше со земјите од ЕУ. Во извештајот на Одборот се наведува дека пандемијата на коронавирусот тешко ја погоди меѓународната трговија, и дека поради тоа е тешко да се измери прецизниот ефект на брегзитот, но пишува дека е „јасно дека излегувањето од ЕУ имало влијание“.

Во извештајот се наведува дека застоите на границите веројатно ќе бидат зголемени бидејќи меѓународните патувања и транспортот се враќаат на нивото пред пандемијата. ЕУ оваа година воведува нови проверки на луѓето кои влегуваат во блокот од 27 земји, додека Британија воведува контрола на целокупниот увоз, вклучувајќи ги растителните и животинските производи.

Џонсон го именуваше конзервативниот пратеник Џејкоб Рис-Мог на новата функција државен секретар за „потенцијалите на брегзитот и ефикасност на владата“.

Именувањето е дел од промените, спроведени со цел јакнење на власта на Џонсон, ослабена од неодамнешниот скандал околу неговото учество на забави во времето на острите мерки против пандемијата на коронавирусот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ