среда, 10 декември 2025

Борис Џонсон се извини по извештајот за забавите за време на острите мерки (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Џонсон сепак уште еднаш ги отфрли повиците да поднесе оставка поради скандалот наречен „партигејт“, со ветување дека ќе го реформира начинот на управување со својот кабинет и инсистирање дека нему и на неговата влада може да им се верува.

„Сфаќам, и ќе го поправам тоа“, кажа Џонсон во парламентот откако истражителката Сју Греј ги објави своите наоди за неколку забави во 2020 и 2021 година, организирани за време на острите рестрикции поради ширењето на коронавирусот.

Греј наведе дека „неуспесите на лидерите и расудувањето“ довеле до настани „кои не смееле да бидат дозволени“.

„Тешкотиите под кои граѓаните низ земјата работеа, живееја и за жал умираа, додека ригорозно се придржуваа до владините прописи и насоки, се многу добро познати“, напиша Греј.

Додаде дека „во контекст на пандемијата, кога владата побара од граѓаните да ги прифатат опсежните ограничувања во своите животи, тешко е да се оправдаат некои од однесувањата во врска со тие забави“.

Извештајот кој Греј му го предаде на премиерот, во кој се зборува за прекумерна употреба на алкохол и персонал кој се плаши да зборува за проблемите на работното место, претставува удар за Џонсон, и покрај фактот што нејзините заклучоци се однесуваат на само четири од 16 настани кои ги истражувала.

Наодите на Греј за 12 други забави не се објавени на барање на полицијата, која минатата недела отвори кривична истрага за тврдењата за сериозни кршења на правилата.

Греј не го критикува директно премиерот, но наведе дека од „наведените настани може да се извлечат значајни поуки“ и дека „целата влада мора веднаш да се позанимава со тоа“.

Премиерот Џонсон и негови блиски соработници ги прекршиле острите ограничувања, кои владата ги воведе за сузбивање на коронавирусот, што предизвика гнев кај јавноста, но и интензивни судири во Конзервативната партија на Џонсон, во која дел од пратениците бараат негова оставка.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Кир Стармер кажа дека британската јавност ги поднела „срцепарателните ограничувања“ и претрпела „колективна траума“ за време на пандемијата.

„Премиерот сите нас нè сметал за будали. Го презирал жртвувањето на луѓето. Покажа дека е неспособен за функцијата“, кажа Стармер. Додаде дека многу Британци мислат дека премиерот треба да поднесе оставка, но дека тој тоа нормално нема да го направи бидејќи е „човек без срам“.

Џонсон може да ги игнорира критиките на опозицијата, бидејќи конзервативците имаат убедливо мнозинство во парламентот, но неговиот опстанок на челото на владата ќе зависи токму од реакцијата на неговите сопартијци на извинувањето.

[video:https://youtu.be/9hEDB21Bdo0 autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ