Според овие извори, Вашингтон разгледува неколку опции, вклучувајќи санкции врз бродовите од таканаречената руска „флота во сенка“ – нелегални танкери што се користат за транспорт на руска нафта – како и трговци вклучени во овие трансакции. Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи дискусиите се доверливи.
Некои од соговорниците велат дека новите мерки би можеле да бидат објавени уште оваа недела.
Според Блумберг, американскиот министер за финансии Скот Бесент разговарал за плановите со група европски амбасадори претходно оваа недела, како дел од координацијата со сојузниците, нагласувајќи дека САД продолжуваат да даваат приоритет на завршувањето на војната во Украина под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Санкциите очигледно би биле насочени кон понатамошно ограничување на руските приходи од извоз на енергија, кои се клучни за финансирање на војната против Украина, пишува Блумберг.
Конечната одлука за мерките е оставена на претседателот.
Преговорите за потенцијален мировен договор напредуваат, со одреден договор за безбедносните гаранции за Украина.
Сепак, остануваат спорни точките околу статусот на териториите во источна Украина, користењето на замрзнатите руски средства и управувањето со нуклеарната централа Запорожје.
Предлозите на САД вклучуваат создавање демилитаризирана или слободна економска зона во делови од источна Украина кои не се под контрола на Москва, додека Киев и неговите сојузници одбиваат да отстапат територија на Русија.
Американските претставници исто така ги гледаат замрзнатите руски средства како дел од евентуален договор, додека Москва силно реагираше на можноста, обидувајќи се да ја заштити својата економија.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека територијалните барања на Москва се непроменети и дека трупите на НАТО не треба да бидат распоредени во Украина, но додаде дека војната „се ближи кон својот крај“ и изрази надеж за договор.






