Американскиот државен секретар Антони Блинкен телефонски ќе разговара со својот руски колега Сергеј Лавров, еден ден откако двете страни се судрија во жестока расправа за Украина во Советот за безбедност на ОН.
Москва во понеделникот испрати писмо до Вашингтон за своите ставови, како одговор на писмената комуникација со која двете страни ги изложија своите ставови во изминатите две недели.
„Јавно преговарање не би било продуктивно, па ќе оставиме на Русија доколку сака да зборува за својот одговор“, изјави претставник на Стејт департментот.
„Остануваме целосно посветени на дијалогот за решавање на овие прашања и ќе продолжиме тесно да се консултираме со нашите сојузници и партнери, вклучително и Украина“.
Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот изјави дека Русија ќе се соочи со „брзи и сериозни последици“ доколку ја нападне Украина.
„Денеска во ОН ја претставивме целосната природа на руската закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и основните принципи на меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Бајден во Белата куќа.
„Продолжуваме да повикуваме на дипломатија како најдобар пат напред, но со оглед дека Русија продолжува да трупа свои сили околу Украина, подготвени сме за што и да се случи“.
Разговорот во вторник ќе биде првиот директен разговор меѓу Лавров и Блинкен откако САД и НАТО разменија писмени одговори на руските барања минатата недела.
САД и НАТО го отфрлија барањето на Русија за гаранција дека Украина нема да влезе во НАТО и барањето САД да го повлечат стратешкото оружје од Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот потпиша одлука за зголемување на украинската војска за 100.000 војници за три години и зголемување на нивните плати, но исто така нагласи дека тоа не значи дека претстои војна со Русија.
„Оваа одлука е подготвена не затоа што наскоро ќе имаме војна… туку за наскоро и во иднина да има мир во Украина“, рече тој.
Украинските вооружени сили сега имаат околу 250.000 војници.






