петок, 27 февруари 2026

Бил Клинтон за вмешаноста во аферата Епстин: Не видов, ниту направив нешто погрешно

Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон, денес пред Конгресот, пред кого сведочи за неговата наводна вмешаност во аферата со сексуалниот престапник Џефри Епстин, изјави дека „не видел, ниту направил нешто погрешно“ во врска со аферата.

Фото: Министерство за правда на САД

Објавено на

часот

Сподели

Тој пред надзорниот одбор на Претставничкиот дом во местото Чапаква во сојузната држава Њујорк рече дека знае што видел и направил, и што е уште поважно, дека знае што не видел или направил, пренесува Гардијан.

„Прво, немав поим за злосторствата што ги изврши Епстин. Без разлика колку фотографии ќе ми покажете, имам две работи што се во крајна линија поважни од вашата интерпретација на тие фотографии стари 20 години“, тврди Бил Клинтон, имајќи предвид дека, во досиејата објавени од Министерството за правда на САД за случајот, тој е прикажан на неколку фотографии.

Клинтон рече дека, „како некој кој пораснал во дом со семејно насилство, не само што не би летал со неговиот авион ако имав каква било претстава за тоа што прави, туку и сам би го пријавил и би повел повик за правда за неговите злосторства, а не за поволни договори“.

„Дури и ретроспективно, не видов ништо што би ме натерало да се замислам. Тука сме само затоа што тој толку добро го криеше тоа од сите толку долго. И додека излезе на виделина со неговото признание на вина во 2008 година, одамна престанав да се дружам со него“, рече Клинтон.

Тој додаде дека го познавал Џефри Епстин кратко време и дека нивната врска завршила „години пред неговите злосторства да излезат на виделина“ и дека никогаш не видел „што навистина се случува“.

„Девојките и жените чии животи Џефри Епстин ги уништи заслужуваат не само правда, туку и исцелување. Тие чекаа премногу долго. Иако моето кратко познанство со Епстин заврши години пред неговите злосторства да излезат на виделина и иако за време на нашите ограничени интеракции никогаш не видов никакви индикации за тоа што навистина се случува, јас сум тука да го понудам и она малку што го знам за да помогнам да се спречи нешто вакво да се случи повторно“, додаде Клинтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ