Тоа се словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои така повторно се најдоа во центарот на вниманието. И двајцата присуствуваа на руската парада за Денот на победата во Москва во мај, па и во Пекинг, исто како и тогаш, се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин.
Иако двајцата пристигнаа во Пекинг, нивните мотиви се разликуваат. Србија, иако е кандидат за членство во Европската унија, негува блиски економски односи со Кина и се обидува да одржи неутрален став кон Русија, и покрај осудите на војната во Украина.
Од друга страна, позицијата на Роберт Фицо е многу посложена. Словачка е членка и на ЕУ и на НАТО, но Фицо отворено повикува на нормализација на односите со Русија.

Додека Брисел планира да го прекине увозот на руска нафта и гас до крајот на 2027 година, премиерот на Словачка сака да го зголеми снабдувањето на својата земја со руски енергенти, и покрај напорите на Украина да го прекине протокот преку гасовод.
Додека Путин го фали Фицо за неговата „независна надворешна политика“, европските сојузници го гледаат тоа сосема поинаку. На прашањето дали словачкиот премиер ја претставува Европската Унија во Пекинг, портпаролката на Европската комисија одговори кратко и јасно со „не“. Во исто време, таа нагласи дека Кина е „клучен помагач“ на Русија во војната против Украина.
Политичките противници на Фицо во Словачка го обвинуваат дека ѝ служи на руската пропаганда и ги предава интересите на сопствената земја. Самиот Фицо го оправдува своето доаѓање со тврдењето дека е во Пекинг „додека се формира нов светски поредок“.
По разговорот со Путин, тој рече дека донел неколку заклучоци и дека има „сериозна порака“ за украинскиот претседател Зеленски, со кого треба да се сретне во петок.






