Во близина на 15 спомен-обележја нема да смеат да се носат руски, но ни украински знамиња, одлучиле власти во Берлин, а пренесува Билд.
Амбасадорот на Украина во Германија Андриј Мељник ги повика берлинските власти да ја повлечат одлуката.
Тој праша зошто не се заштитат луѓето кои со знамиња сакаат да ја искажат својата солидарност со Украина, од можната агресија на оние кои би се почувствувале испровоцирани од тие знамиња.
Мељник на Твитер порача дека станува збор за скандалозна одлука која мора да се повлече, наведувајќи дека е шлаканица за Украина и целиот украински народ.
Инаку одлуката на полицијата на Берлин, покрај знамињата на Русија и Украина, го забрани и симболот „Z“, како и униформите и воените песни на руската војска.
Од оваа мерка се изземени само ветераните од Втората светска војна, дипломатите и претставниците на делегациите кои ќе присуствуваат на свеченостите.
Полицијата во зголемен број на униформирани и полицајци во цивил ќе ги обезбедува собирите, но и пријавените демонстрации.
Според соопштението на полицијата околу 3.400 полицајци утре и во понеделник ќе бидат ангажирани на одбележувањето на годишнината на завршувањето на Втората светска војна.






