Долниот дом на белорускиот парламент ги одобри измените на кривичниот закон во две читања, објави белоруската прорежимска агенција Белта. Промените сега мора да бидат потврдени во горниот дом на парламентот, а пред да стапи на сила законот мора да го потпише белорускиот диктатор Александар Лукашенко, еден од ретките сојузници на рускиот претседател Владимир Путин.
Владимир Андрејченко, претседател на долниот дом на парламентот, алудирајќи на саботажата на железницата, рече: „Деструктивните сили продолжуваат со терористичките и екстремистичките активности со кои се обидуваат да ја потресат Белорусија и да испровоцираат нестабилност и конфликти“, пренесе Ројтерс.
„Тие преземаат активности за да ја оневозможат работата на железничката опрема и пругите. Тоа се објекти од стратешко значење. Нема оправдување за такви терористички акции“, рече тој.
Русија ја искористи поранешната советска Белорусија, близок сојузник, за од нејзин терен да ја започне инвазијата на Украина на 24 февруари. Минск негира вмешаност во конфликтот, но признава дека нивната територија била искористена за инвазијата.






