Трамп во петокот поднесе тужба против ВСЏ и неговиот медиумски магнат Руперт Мердок за најмалку 10 милијарди долари поради обвинувањата во статијата, кои Трамп ги негира.
Начинот на кој администрацијата на Трамп се справува со случајот Епстајн се заканува да ја подели републиканската крајнодесничарска база „Да ја направиме Америка пак голема“ (МАГА), при што некои од неговите поддржувачи бараат целосно објавување на таканаречените „Епстајнови досиеја“.
„Како што потврди апелациониот суд, на Волстрит џурнал ниту на кој било друг медиум не му е загарантиран посебен пристап за известување за претседателот Трамп во Овалната соба, во Претседателскиот авион и во неговите приватни работни простори“, изјави портпаролката Каролин Ливит.
„Поради лажното и клеветничко однесување на Волстрит џурнал, тој нема да биде еден од тринаесетте медиуми на летот (на Претседателскиот авион).“ Овој викенд Трамп оди во Шкотска, каде што поседува два голф-терени, и ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер.
Месецов Министерството за правда на САД, предводено од главната адвокатка на Трамп, Пам Бонди, изјави дека нема докази што укажуваат дека осрамотениот финансиер Епстајн имал „список на клиенти“ или уценувал моќни луѓе пред неговата смрт во 2019 година.
Во статија во четвртокот ВСЏ објави дека Трамп му напишал сугестивно роденденско писмо на Епстајн во 2003 година, илустрирано со гола жена и со алузија на заедничка „тајна“.
Епстајн, долгогодишен пријател на Трамп и на голем број други познати мажи, беше пронајден обесен во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година додека чекаше судење по обвинението дека сексуално експлоатирал десетици малолетници во неговите домови во Њујорк и Флорида.
Случајот предизвика теории на заговор, особено меѓу гласачите на Трамп од крајната десница, за наводна меѓународна клика на богати педофили. Смртта на Епстајн – прогласена за самоубиство – пред да може да се соочи со судење, ја зајакна таа нарација.
„Длабоко вознемирувачко“
Откако се врати на власт во јануари, Трамп презеде чекори за зголемување на контролата врз печатот што известува за Белата куќа. Во февруари Овалната соба му ја одзеде на Здружението на дописници од Белата куќа (ВХЦА) неговата речиси едновековна моќ на надзор кои медиуми имаат пристап до одредени претседателски настани, а Трамп рече дека сега тој „одлучува“ за пристапот на медиумите.
Претседателката на ВХЦА ја повика Белата куќа да му дозволи на Џурнал да продолжи со известувањето за претседателските настани. „Овој обид на Белата куќа да казни медиум чие известување не ѝ се допаѓа е длабоко вознемирувачки и е спротивен на Првиот амандман“, изјави претседателката на ВХЦА, Веиџија Џијанг.
„Одмаздата на владата против новинските агенции врз основа на содржината на нивното известување треба да ги загрижи сите што ја ценат слободата на говорот и независните медиуми“, рече таа.






