понеделник, 8 декември 2025

Белата куќа: Русија си создава изговор за напад на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки синоќа изјави дека, според разузнавачките податоци, Русија, преку кампања за ширење дезинформации преку социјалните мрежи – веќе ја поставува основата Киев да биде окарактеризиран како агресор, кој наскоро подготвува напад врз силите поддржани од Москва во источна Украина.

Псаки ја обвини Русија дека веќе распоредила оперативци, обучени за ситуации на граѓанска војна, кои би можеле да користат експлозивни направи против силите поддржани од Москва, а Украина ќе биде обвинета за нападот, пренесува АП.

„Загрижени сме дека руската влада се подготвува за напад во Украина што може да резултира со широко распространето кршење на човековите права и воени злосторства доколку дипломатијата не ги постигне своите цели“, рече Псаки.

Белата куќа не прецизираше колку веродостојни може да бидат најновите сознанија.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, во четвртокот изјави дека американската разузнавачка заедница нема процена дека Русите, кои, според американската агенција АП, распоредиле околу 100.000 војници долж украинската граница, дефинитивно одлучиле да почнат воена акција.

Москва, која наведува дека не планира напад врз Украина, бара од НАТО и од САД писмени гаранции дека западната воена алијанса нема да се прошири на исток.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера предупреди дека Москва го „изгубила трпението“, дека нема да чека бесконечно одговор од Западот и дека очекува НАТО и САД да одговорат следната недела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ