недела, 15 март 2026

Бајден за војската ќе бара повеќе од 770 милијарди долари

Објавено на

часот

Сподели

Новиот буџет би можел да го надмине оној кој своевремено го побара поранешниот претседател Доналд Трамп. Министерот за одбрана Лојд Остин и Кабинетот за управување и буџет се сложија буџетот за одбрана во следната фискална година, која почнува на 1 октомври, треба да биде поголем од 770 милијарди долари, тврдат изворите. Но, сè уште се разговара за точниот износ пред да му се испрати официјално барање на Конгресот.

Планираниот буџет за одбрана ги вклучува платите на вработените на министерството за одбрана, трошоците за тенковите и авионите Ф-35, кои ги произведува компанијата Локид Мартин, средствата за програмата за нуклеарно вооружување и финансирањето на активностите на останатите агенции поврзани со ресорот на национална одбрана.

Белата куќа минатата недела му одговори на Пентагон на барањето за поголем буџет, а нејзините бројки се помалку или повеќе усогласени со оние кои ги наведе Лојд Остин, тврдат изворите кои сакале да останат анонимни.

Меѓу приоритетите на новиот буџет се изградба на нови бродови, развој на вселенската програма и модернизација на подморниците со балистички проектили, бомбардерите и копнените проектили.

Еден од изворите навел дека модернизацијата на нуклеарната програма е неизбежна поради плановите на Пентагон за понатамошно инвестирање и развој на нуклеарното оружје за САД да бидат спремни за идни потенцијални судири со Кина и Русија.

„Благодарение на горната граница над 770 милијарди долари, администрацијата нема да биде приморана на тешки компромиси во буџетот“, кажа Тод Харисон, директор за анализа на буџетот за одбрана во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.

Харисон додава дека Пентагон ќе има простор за зголемување на платите и за финансирање на програмата за модернизација на вооружувањето, особено во областа на нуклеарната модернизација, вселената и противракетната одбрана.

Буџетот за одбрана за време на последната година на Трамп во Белата куќа изнесуваше 752,9 милијарди долари. Конгресот потоа ја зголеми таа бројка за 25 милијарди долари, за на крајот да достигне 778 милијарди долари за фискалната 2022 година.

Се очекува Конгресот да го зголеми и барањето на Бајден, но разговорите за буџетскиот циклус за 2023 година уште не се почнати. Тоа може да се случи по говорот на Бајден за состојбата на нацијата во Конгресот закажан за 1 март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ