Говорејќи на заедничка прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, Бајден рече: „Ако Русија нападне… повторно, нема да има ништо од Северен тек 2. Ќе ставиме крај на тоа“. На прашањето како ќе го обезбеди тоа, тој одговори: „Ви ветувам дека ќе можеме да го направиме тоа“.
Најконтроверзниот енергетски проект во Европа, Северен тек 2, го изгради рускиот енергетски гигант Газпром за да ја удвои количината на гас од Русија до Германија, заобиколувајќи го традиционалниот транзит низ Украина.
Пред средбата, добро упатени извори изјавија дека Бајден јасно ќе му порача на Шолц дека не треба да биде пуштен во оптек Северен тек 2 доколку „Русија изврши инвазија на Украина на еден или друг начин“.
Германија, која покрива половина од потребите за гас од рускиот пазар, го одложи одобрувањето на гасоводот најрано до втората половина на 2022 година, но го отфрли целосното откажување на проектот.
Американскиот претседател нагласи дека сè уште има простор за дипломатија со Русија. Бајден и амриканските сојузници ја предупредија Русија дека ќе се соочи со економски санкции доколку ја нападне Украина.
Шолц рече дека Германија е подготвена да продолжи да обезбедува големи количини средства за економската стабилизација на Украина. „Ѝ даваме многу, многу голема финансиска поддршка на Украина“, рече Шолц, објаснувајќи дека Германија дала околу 2 милијарди долари за таа земја.
„Ќе продолжиме со тој придонес“, додаде тој. Шолц, кој беше критикуван во Германија и во странство за неговата недоволна вклученост во актуелната криза, пред состанокот во Белата куќа на новинарите им рече дека Русија ќе плати многу висока цена доколку ја нападне Украина.
Шолц следната недела ќе ги посети и Украина и Русија, додека оваа недела се сретна со претседателот на Европскиот совет и со лидерите на балтичките земји.
Односот меѓу Бајден и Шолц е важен во кризата и затоа што францускиот претседател Емануел Макрон сè уште официјално не ја објавил својата кандидатура на претстојните избори во април, додека британскиот премиер Борис Џонсон е среде внатрешнополитичка криза.






