четврток, 25 декември 2025

Автомобил со знак „Среќна Ханука“ запален во Мелбурн

Автомобил со знак „Среќна Ханука“ беше запален во предградие на Мелбурн во раните утрински часови на Божиќ во напад за кој се сомнева дека е антисемитски мотивиран. Инцидентот се случува помалку од две недели по терористичкиот напад во Сиднеј, насочен кон Евреите што ја прославуваа Ханука на плажата Бондај, пишува Гардијан.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата потврди дека службите за итни случаи интервенирале околу 2:50 часот наутро во населбата Сент Килда Ист, каде во дворот на куќа горело возило со мобилен билборд. За среќа, никој не бил во автомобилот во времето на инцидентот, но жителите на куќата биле евакуирани како мерка на претпазливост. „Детективите идентификувале лице кое би можело да им помогне во истрагата и активно го бараат и истражуваат каде се наоѓа“, соопшти полицијата.

Еврејската група за безбедност ЦСГ Викторија потврди дека нема повредени членови на заедницата. „ЦСГ веќе работи на покачено ниво со зголемени патроли и ќе продолжи да го прави тоа“, соопшти групата. „Ова е продолжение на секојдневниот страв во кој живее еврејската заедница во последните две години, а уште повеќе по Бондај“, рече Наоми Левин, извршна директорка на Советот на еврејската заедница на Викторија.

Премиерката на Викторија Јасинта Ален изјави дека била информирана од полицијата за инцидентот. Таа рече дека полицијата тесно соработува со лидерите на заедницата во истрагата, додавајќи: „Имаме должност кон оваа заедница – да се осигураме дека нивните семејства се безбедни и се чувствуваат безбедно и да работиме долгорочно на вложување сериозни напори за искоренување на антисемитизмот и омразата од нашата држава.“

Премиерот Антони Албаниз исто така го осуди нападот. „Австралиската еврејска заедница тагува по терористичкиот напад во Бондај. Палењето автомобил во Мелбурн е уште еден ужасен чин на антисемитизам“, рече тој. „Овој вид омраза нема место во Австралија и мора да престане.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ