Поддршката за Скот Морисон падна на најниско ниво во последните две години, со избори закажани за четири месеци, со пад на довербата на јавноста нарушена со недостиг на брзи антигенски тестови, а бројот на заразени со омикрон надмина милион во текот на летото.
Во обраќањето до Националниот новинарски клуб во Канбера, Морисон рече дека ќе ги прифати критиките кои доаѓаат со лидерската позиција.
„Не направив сè како што треба“, рече тој.
Морисон рече дека неговиот фокус бил на постигнување рамнотежа помеѓу здравствените совети и економијата, а омикрон ги променил правилата, ги нарушил синџирите на снабдување и предизвикал недостиг на тестови.
На почетокот на јануари, Морисон рече дека неговата влада усвоила пристап на соживот со пандемијата наместо повторно да воведе мерки за затворање.
„Како што влегувавме во летото, можеби бевме премногу оптимисти“, рече тој, додавајќи дека тоа ја зголеми разочараноста кај луѓето кога вакцинацијата не го спречи ширењето на омикрон.
Одговарајќи на критиките дека неговата влада не предвидела потреба од повеќе тестови, Морисон рече дека снабдувањето со ковид тестови за време на поголемиот дел од пандемијата била одговорност на австралиските сојузни држави.
Тој ја призна фрустрацијата на јавноста, но рече дека на земјата сè уште и е потребен искусен лидер.
Стапката на смртност поврзана со коронавирус во Австралија е меѓу најниските во светот. Земјата има висока стапка на вакцинација и покрај подоцнежниот почеток на вакцинацијата.
Сојузната влада ќе понуди дополнителни исплати во вредност до 800 австралиски долари за персоналот на старечките домови, најави тој, бидејќи повеќе од 1.200 старечки домови се борат со епидемијата на ковид-19 поради која во јануари починале стотици луѓе и која предизвика недостиг на персонал.






