недела, 14 декември 2025

Авионот што ја превезуваше Урсула фон дер Лаен ја изгуби навигацијата, се сомнева на Русите

Авионот што ја превезуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, кон Бугарија вчера попладне ја изгуби ГПС навигацијата и мораше рачно да слета, користејќи хартиени мапи. Тројца службеници запознаени со инцидентот изјавија за Фајненшл тајмс дека се сомнева на руско попречување на сигналот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Целата област околу аеродромот остана без ГПС“, рече еден од службениците. Авионот кружеше над Пловдив повеќе од еден час, по што пилотот одлучи да слета без електронски помагала, потпирајќи се на аналогни мапи. „Несомнено стануваше збор за попречување“, додаде истиот извор.

Бугарската служба за контрола на воздушниот сообраќај го потврди инцидентот. „Од февруари 2022 година, бележиме значителен пораст на случаите на попречување, а во поново време и лажирање на ГПС сигналите. Ова попречување го нарушува точниот прием на сигналот и предизвикува оперативни тешкотии за авионите и системите на земјата“, се вели во соопштението.

Таквото ГПС попречување традиционално го користат воените и разузнавачките служби за заштита на чувствителни локации. Но, во последниве години, европските влади велат дека Русија сè повеќе го користи за нарушување на цивилниот живот.

Се предупредува дека порастот на ваквите напади може да предизвика сериозна авионска несреќа бидејќи така им се „одзема видот“ на комерцијалните авиони. Бројот на инциденти со блокирање на ГПС сигналот значително се зголеми во балтичките држави и источна Европа, особено во областите близу до границите на Русија.

Фон дер Лаен пристигна во Бугарија од Варшава и се сретна со премиерот Росен Железков и посети фабрика за муниција. Целта на обиколката на источната граница на ЕУ беше да се разговара за зајакнување на одбранбената подготвеност на Унијата по руската агресија во Украина.

„Путин не се променил и нема да се промени. Тој е предатор. Може да се запре само со силно одвраќање“, изјави фон дер Лаен за новинарите во Пловдив.

Бугарија е еден од клучните европски добавувачи на воена опрема за Украина од почетокот на војната – прво советско оружје, а сега модерна артилерија и муниција од домашно произведство. Претседателката на Европската комисија го напушти Пловдив по посетата без никакви проблеми со истиот авион.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ