четврток, 2 април 2026

„Артемис II“ лета кон Месечината за прв лет со екипаж (ВИДЕО)

Американската Национална администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) од Флорида го лансираше првиот лет со екипаж до Месечината по повеќе од 50 години, на мисијата „Артемис II“. Ракетата СЛС („Спејс лонч систем“) беше лансирана со капсулата „Орајон“ од вселенскиот центар Кенеди во Флорида, со екипаж од тројца американски астронаути и еден Канаѓанец, според веб-страницата на НАСА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Артемис II е почеток на нешто поголемо од која било поединечна мисија. Таа го означува нашето враќање на Месечината, не само за да ја посетиме, туку и за на крајот да останеме во нашата база на Месечината, и ги поставува темелите за следните огромни скокови што претстојат“, рече администраторот на НАСА, Џаред Ајзекман.

Успешното лансирање го означува почетокот на мисијата што ќе трае приближно десет дена за астронаутите на НАСА, Реид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох и астронаутот на Канадската вселенска агенција, Џереми Хансен.

Како прва мисија со екипаж во рамките на програмата „Артемис“ на НАСА, летот, меѓу другото, ќе демонстрира системи за поддршка на живот за прв пат и ќе ги постави темелите за трајно присуство на Месечината, пред идните мисии на Марс.

За време на планираниот неколкучасовен лет покрај Месечината во понеделник, 6 април, астронаутите ќе фотографираат и ќе ја набљудуваат површината на Месечината, како први луѓе кои ќе видат некои делови од нејзината спротивна страна.

По успешниот лет покрај Месечината, астронаутите ќе се вратат на Земјата и ќе слетаат во Тихиот Океан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ