Тој наведе дека бродот Талара, во грчка сопственост, патувал од Обединетите Арапски Емирати до Сингапур кога бил пресретнат од иранските сили.
Центарот за поморски трговски операции на британската војска ја потврди заплената на бродот, додавајќи дека е можно бродот Талара да бил принуден да се пренасочи во територијалните води на Иран поради „државни активности“.
Дронот Ем-кју-4си Тритон на американската морнарица денес со часови кружел во областа каде што се наоѓал бродот Талара, набљудувајќи ја заплената, според податоците за следење на летот анализирани од АП.
Приватната безбедносна фирма Амбреј соопшти дека во заплената учествувале три мали чамци.
Иран не потврди веднаш дека го запленил бродот Талара.
Последната голема заплена на брод беше во мај 2022 година, кога Иран заплени два грчки танкери и ги држеше до ноември истата година.
Нападите врз бродови во близина на Иран започнаа откако САД еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство, САД и Европската Унија за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп.
Тие се совпаднаа со нападите врз бродови во Црвеното Море од страна на јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, за време на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
Иран долго време се закануваше дека ќе го затвори Ормутскиот теснец, низ кој минуваат 20 проценти од целата трговија со нафта.
За да ги одржи отворени водните патишта на Блискиот Исток, Петтата флота на американската морнарица долго време патролира во регионот.






