Протестите кои се одржуваат во Загреб, Риека, Пула и Задар, почнаа денес напладне на поголемите градски плоштади, пренесува хрватскиот портал Н1.
Маршот во Загреб започна од Главната железничка станица кон плоштадот бан Јосип Јелачиќ, пренесува порталот на Хрватската радио и телевизија (ХРТ).
Организаторите на протестите предупредуваат дека сè почесто низ градовите се гледаат фашистички графити, како и дека често се загрозени културни програми, поединци и општествени иницијативи.
„Она што го гледаме како поширока причина е зголемениот фашизам на нашето општество, нетолеранцијата кон другите и оние кои се различни, релативизирање на усташките злосторства, употребата на поздравот „ЗДС“ (За татковината спремни!), изјави Ивона Гргуриновиќ, членка на иницијативата „Обединети против фашизмот“, додава ХРТ.
Во Риека, на Јадрански плоштад, демонстрантите беа пречекани од група помлади маскирани мажи кои се спротивставуваат на протестот, додека собирот го обезбедуваше полициска интервентна единица.
Повеќе од илјада луѓе се собраа во Пула, на протестот се придружија жупанот на Истра, Борис Милетиќ, градоначалникот Пеѓа Грбин и други локални функционери.
Граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Алергични на фашизам“, „Слободата е посилна од стравот“ и „Фашистите се паразити на општеството“, а во Загреб беше забележан и знак на кој пишуваше „Имам повеќе заедничко со српските студенти отколку со хрватските националисти“.
Протест беше организиран и во Задар, каде што граѓаните се собраа на Кејот на кнезот Бранимир.
Иницијативата „Обединети против фашизмот“ обединува десетина организации, а е создадена, според организаторите на денешните маршеви, „како одговор на сеприсутното насилство, страв, закани и забрани“.
“Нема да дозволиме забрани и насилство да станат правило. Нема да реагираме на нивните закани со страв, туку со обединет антифашистички отпор! Бевме доволно тивки, ајде повторно да маршираме заедно кон ослободувањето! Маршот е само почеток. Нашата заедничка работа не смее да запре додека не го искорениме фашизмот и не ги направиме нашите градови и села безбедни за сите,” се вели во соопштението на организаторите.






