Споредувајќи ги 24.673 пациенти заболени со ковид-19 кои преживеале најмалку една недела по отпуштањето од болница со 123.362 луѓе на слична возраст во општата популација, истражувачите откриле двојно поголем ризик од повторна хоспитализација или смртен исход во текот на следните 10 месеци кај оние кои го преболеле ковид.
Во споредба со 16.058 пациенти кои биле хоспитализирани како резултат на инфекција со сезонски грип, веројатноста пациентите заболени со ковид повторно да бидат хоспитализирани или да починат поради првичната инфекција или некоја друга инфекција на долниот респираторен тракт била 37 отсто поголема, според резултатите на англиски научници објавени во стручното списание ПЛОС Медисин.
Во написот се наведува и дека ризикот од смрт кај пациенти со деменција кои заболеле од ковид-19 и затоа биле хоспитализирани бил исклучително висок во месеците по отпуштањето од болница. „Голем број луѓе заболени со ковид се хоспитализирани, а зголемениот ризик од смртен исход и повторен прием во болница може значително да влијае на јавното здравје и ресурсите“, напишаа истражувачите.
„Ризикот може да се минимизира или ублажи со зајакнување на следењето на здравствената состојба на пациентите во месеците по излегувањето од болница, како и поголема свесност на пациентите и лекарите за потенцијалните проблеми“, се заклучува во написот.






