понеделник, 15 декември 2025

Англиски град бара затворање на хотел за мигранти по обвинувањата за сексуален напад

Општински совет во округот Епинг Форест во Англија побара од Високиот суд да забрани хотелот Бел да се користи за сместување на баратели на азил, тврдејќи дека ситуацијата во градот излегла од контрола и предизвикува „невидени“ нивоа на нарушувања во заедницата. Протестите започнаа откако барател на азил (38) беше обвинет дека се обидел да бакне 14-годишно девојче, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу локалното население, објави Скај њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Советот вчера поднесе барање за привремена судска забрана со која сопствениците на хотелите ќе се спречат да примаат баратели на азил. Доколку судот го одобри барањето, забраната ќе стапи на сила по 14 дена.

Во барањето се наведува „јасен ризик од понатамошна ескалација на тензиите во заедницата“ и потребата „итно да се стави под контрола моменталната ситуација“. Советот исто така бара судот да потврди дека користењето на хотелот Бел за сместување на баратели на азил не е исто што и неговото редовно работење и дека затоа таквата употреба не е дозволена според просторните планови.

„Доколку хотелот Бел беше ноќен клуб, можевме одамна да го затвориме“, рече Крис Витбред, лидер на Окружниот совет на Епинг Форест. Тој додаде дека, колку што советот е запознаен, нема проверки на кривичната евиденција на луѓето кои можеби биле во земјата само неколку дена пред да бидат сместени во хотелот.

Протестите пред хотелот траат од 13 јули, откако барател на азил беше обвинет дека се обидел да бакне 14-годишно девојче. Станува збор за 38-годишниот Хадуш Герберсласие Кебат од Етиопија, кој неодамна пристигнал со брод преку Ламанш и сега се соочува со три обвиненија за сексуален напад. Тој ги негира обвиненијата и неговото судење започнува овој месец.

Полицијата изрече таканаречени наредби за оддалечување на лица осомничени за антисоцијално однесување како одговор на протестите, а досега се уапсени 25 лица, од кои 16 се обвинети. Советот вели дека протестите ја ставиле полицијата под голем притисок, принудувајќи ги да доведат дополнителни полицајци од други делови на земјата.

Витбред предупредува дека хотелот се наоѓа во близина на пет училишта и дом за стари лица, и дека тензиите се „веќе високи“ и би можеле да се зголемат дополнително со почетокот на новата учебна година. „Фрустрирани сме што Министерството за внатрешни работи сè уште не слуша“, рече тој.

На состанокот на советот во јули, советниците едногласно побараа итно затворање на хотелот Бел и постепено затворање на хотелот Феникс во Норт Вилд, кој исто така привремено прима баратели на азил.

„Го правиме ова во име на нашата локална заедница. Ние сме мал совет и се обидовме да го убедиме Министерството за внатрешни работи дека ова не може да продолжи повеќе, но тие не нè слушаат. Не треба да одиме во Високиот суд, но немаме избор. Сега сè зависи од судијата“, рече Витбред.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ