Резолуцијата, предложена од еден од водечките републикански сенатори, Линдзи Греам, и поддржана од сенаторите од двете партии, го повикува Меѓународниот кривичен суд во Хаг и другите земји да покренат истраги за руските воени злосторства во инвазијата на Украина.
„Сите во овој дом се здруживме, демократите и републиканците, за да кажеме дека Владимир Путин не може да избега од одговорноста за злосторствата извршени врз украинскиот народ“, рече лидерот на демократското мнозинство Чак Шумер во говорот пред гласањето.
Русија својот напад врз Украина, кој почна на 24 февруари, го нарекува „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на Украина. Путин ја нарече Украина и американска колонија со марионетски режим и без традиција на независна државност.






