„Ако не можеме да го решиме ова на преговарачка маса, постојат други опции за да се осигураме дека Иран никогаш нема да дојде до нуклеарна бомба“, изјави Пит Хегсет за Фокс њуз.
„Со она што го правиме против Хутите и во регионот, покажавме способност да одиме далеку, длабоко и многу силно (…). Не сакаме да дојде до таа точка, но доколку е потребно, ќе го направиме тоа за да го спречиме Иран да развие нуклеарна бомба“, рече американскиот министер за одбрана.
Двете земји, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, одржаа преговори во саботата со посредство на Оман.
Хегсет ја опиша дискусијата како „многу конструктивна“, што беше став и на Техеран. Преговорите продолжуваат на 19 април.
Индиректните преговори меѓу Иран и САД во саботата траеја нешто повеќе од два часа. Разговорите во Мускат, главниот град на Оман, се одржаа во различни простории со официјални лица од Оман кои пренесуваа пораки до иранската и американската делегација.
Иранската државна телевизија објави дека специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф и министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, на крајот од преговорите „разговарале накратко“ во присуство на министерот за надворешни работи на Оман.
Западните земји, на чело со САД, со децении се сомневаат дека Техеран сака да се здобие со нуклеарно оружје. Иран, чија економија се бори под санкции, ги отфрла овие обвинувања и вели дека неговите нуклеарни активности се ограничени на цивилни цели.
Вашингтон се повлече од меѓународниот нуклеарен договор со Иран во 2018 година, делумно мотивиран од недостатокот на акција против иранската програма за балистички проектили, што се смета за закана за неговиот сојузник Израел.
Но, Доналд Трамп, во својот втор мандат, одлучи да иницира преговори со Техеран за нов нуклеарен договор.
Во исто време, американскиот претседател се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не успеат дипломатските напори и воведе дополнителни санкции против иранскиот нафтен сектор.