Русија негира дека планира нов воен напад. Соединетите Држави беа најмоќниот поддржувач на Украина во конфликтот со Москва по руската анексија на Крим во 2014 година и избувнувањето на војната во источна Украина.
„Мислам дека Путин ја направи најголемата грешка во својата кариера потценувајќи колку храбро народот на Украина ќе се бори против него ако тој изврши инвазија“, им рече на новинарите сенаторот Ричард Блументал.
„Ќе воведеме строги економски санкции, но уште поважно, ќе му дадеме на народот на Украина оружје, смртоносно оружје што му е потребно за да ги брани своите животи“, рече тој по средбата меѓу делегацијата и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тоа оружје може да вклучува противтенковски проектили џавелин, ракети стингер, малокалибарско оружје и чамци, рече тој. „Нашата порака е: ќе има последици ако тој одлучи да ја наруши светоста на оваа демократија“, додаде сенаторката Ејми Клобучар.
Вчера и британскиот министер за одбрана Бен Валас вети дека „Обединетото Кралство ќе ѝ даде на Украина нов пакет оружје за да ѝ помогне да ги зголеми своите одбранбени способности додека се соочува со заканувачкото однесување на Русија“.
„Донесовме одлука за снабдување на Украина со лесни противтенковски одбранбени системи“, изјави Валас денеска пред британските парламентарци. Тој го покани својот руски колега во следните неколку недели да го посети Лондон за да разговараат за кризата.






