Тајната служба, која ја обезбедува министерката, ги прегледала снимките од надзорните камери од ресторанот Капитал Бургер. На нив се гледа белец со медицинска маска како ја зема нејзината чанта и го напушта ресторанот, изјави извор од обезбедувањето.
Крадецот побегнал со возачката дозвола на министерската, нејзините лекови, клучеви од стан, пасош, службена пропусница од Министерството за внатрешна безбедност, несесер со козметика, бланко чекови и приближно 3.000 долари во кеш. Тајната служба покрена истрага за да утврди дали некој се обидел да ги искористи нејзините финансиски документи, додаде истиот извор.
„Целото нејзино семејство беше во Вашингтон, вклучително и нејзините деца и внуци. Парите што ги имаше беа наменети за вечера, излети и велигденски подароци за семејството“, изјави портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност.
Безбедносните експерти предупредија дека инцидент како овој, во кој крадец успеал толку да се доближи до членка на владата и да избега со нејзините лични работи, може да укаже на сериозен безбедносен пропуст.
„Ова е сериозен безбедносен пропуст што може да има далекусежни последици и бара итна и темелна истрага од страна на Тајната служба, министерството за домашна безбедност и другите безбедносни агенции“, рече Џонатан Вакроу, висок безбедносен аналитичар од Си-ен-ен и поранешен агент на Тајната служба.
„Доколку е потребно, Тајната служба ќе мора да го промени начинот на кој го организира обезбедувањето на вакви приватни настани“, изјави Вакроу за Кејтлан Колинс во емисијата „Извор“ на Си-ен-ен. Тој додаде дека Кристи Ноем „и понатаму е изложена на зголемен ризик од закани, и странски и домашни, а нејзината јавна функција сама по себе ја прави симболична цел“.