четврток, 5 февруари 2026

Америка собира сојузници за да ја сруши кинеската контрола врз минералите

Соединетите Американски Држави започнаа иницијатива за создавање трговска зона за критични минерали, клучни за производство на сè, од паметни телефони до оружје, во обид да ја намалат доминацијата на Кина во овој сектор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По тој повод, американскиот Стејт департмент го организираше првиот министерски состанок во среда, на кој присуствуваа претставници на Обединетото Кралство, Европската Унија, Јапонија, Индија, Јужна Кореја, Австралија и Демократска Република Конго, пишува Би-би-си.

Делегациите разговараа за достапноста и пристапот до минерали потребни за производство на компјутерски чипови и батерии за електрични возила.

Со рударството и преработката на овие суровини, кои исто така вклучуваат ретки земни метали, доминира Кина.

Во изјавите објавени од американската влада, потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио не ја споменаа директно Кина.

Венс наместо тоа зборуваше за „странска понуда“ што ги преплавува светските пазари и им отежнува на другите земји со наоѓалишта да обезбедат финансирање за да започнат со производство. Тој објави дека САД планираат да ги користат царините за да спречат преголем пад на цените на критичните минерали, што би можело да ги обесхрабри инвестициите.

Дејвид Копли, специјален помошник на претседателот Доналд Трамп, рече дека САД имаат намера да „инјектираат стотици милијарди капитал во рударскиот сектор за да започнат проекти“. Тој додаде дека веќе се направени инвестиции во неколку компании, вклучувајќи го производителот на магнети МП материјалс и Литиум Америкас, кој произведува клучен материјал за батерии што можат да се полнат.

Дополнително, трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, рече дека САД, Јапонија и Европската комисија развиваат „координирани трговски политики и механизми“ за заеднички да избегнат потенцијални проблеми со пристапот до важни минерали.

Пред состанокот, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека „земјите треба да се придржуваат до принципите на пазарната економија и меѓународните трговски правила и да ја зајакнат комуникацијата и дијалогот“.

Состанокот е дел од пошироките напори на американската влада да се спротивстави на способноста на Кина да ја користи својата доминантна позиција како средство за притисок во трговските преговори.

Во понеделник, претседателот Трамп најави создавање резерви на критични минерали наречен „Проект Трезор“, вреден речиси 12 милијарди долари. Претставниците на индустријата го поздравија соопштението.

„Од клучно значење е да се видат САД како преземаат решителни чекори за да го обезбедат нашето снабдување со сите видови минерали и ретки елементи“, рече Вејд Сенти, претседател на Адвансд магнет лаб.

Средбата во средата се одржа истиот ден кога Трамп телефонски разговараше со својот кинески колега Си Џинпинг, што тој го опиша како „многу позитивно“. Кина има монопол на пазарот на ретки метали и во последните месеци ги заостри контролите за извоз, барајќи од домашните компании да добијат одобрение од владата пред да испорачуваат минерали во странство.

Кога овие ограничувања беа заострени во октомври, тоа нанесе тежок удар на американската индустрија, која е во голема мера зависна од увозот на тие суровини. Иако кинеската влада наскоро ги олабави строгите мерки, аналитичарите веруваат дека Пекинг ја користи својата доминација како клучен адут во трговските преговори со Вашингтон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ