петок, 12 декември 2025

Америка му продава оружје на Тајван, Кина протестира

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението на американската Агенција за одбранбена безбедносна соработка се вели дека ја доставила потребната потврда информирајќи го Конгресот, откако добиле одобрение од Стејт департментот за продажбата што ја побарала тајванската амбасада во Вашингтон, пренесува Ројтерс.

Надградбата на системот за воздушна одбрана „патриот“ би „помогнала да се подобри безбедноста на примателите, како и да се зачуваат политичката стабилност, воената рамнотежа, економијата и напредокот во регионот“, се вели во соопштението.

„Предложената продажба им служи на националните, економските и безбедносните интереси на Соединетите Држави со поддршка на тековните напори на примателот да ги модернизира своите вооружени сили и да одржи кредибилна одбранбена способност“, соопшти агенцијата.

Министерството за надворешни работи на Тајван рече дека „многу ја поздравува“ оваа одлука и дека Тајван, „соочен со континуираната воена експанзија и провокативни дејствија на Кина, ќе ја задржи својата национална безбедност и ќе продолжи да го продлабочува блиското безбедносно партнерство меѓу Тајван и Соединетите Држави“.

Тајванското Министерство за одбрана објави дека одлуката за набавка на понови ракети „патриот“ била донесена на состанок со американски претставници од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во 2019 година и дека очекува договорот да стапи во сила во рок од еден месец.

Американската влада треба веднаш да ги откаже плановите за испорака на оружје во вредност од 100 милиони долари на Тајван, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Џао Лиџен, додавајќи дека Кина ќе преземе „соодветни мерки“ за да ја заштити својата безбедност.

„Кина затоа изразува решителен протест и силна осуда. Ги повикуваме Соединетите Американски Држави строго да се придржуваат до принципот ‘Една Кина’ и одредбите од трите кинеско-американски соопштенија и веднаш да го поништат споменатиот план за испорака на оружје на Тајван“, рече кинескиот дипломат, пренесува руската агенција ТАСС.

„Кина ќе ги преземе неопходните и ефективни мерки за да го зајакне својот суверенитет и да ги обезбеди своите безбедносни интереси“, додаде Лиџен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ