Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со месеци води кампања на смртоносни напади врз бродови покрај венецуелскиот брег и пацифичкиот брег на Латинска Америка, осомничени за трговија со дрога. Трамп исто така се закани со напади врз венецуелско тло, објави Ројтерс.
„Најсериозната поединечна закана за оваа хемисфера, за нашето соседство и за САД доаѓа од транснационалните терористички и криминални групи“, изјави американскиот амбасадор во ОН Мајк Валц, пред Советот за безбедност на ОН.
САД го зголемија своето воено присуство во регионот, а Трамп најави блокада на сите бродови што подлежат на американски санкции. Досега овој месец, крајбрежната стража на САД пресретна два танкери во Карибите што превезуваа сурова нафта од Венецуела, пишува Ројтерс.
„Реалноста е дека санкционираните танкери за нафта дејствуваа како главна економска „движечка сила“ за Мадуро и неговиот нелегитимен режим. Санкционираните танкери исто така ја финансираат нарко-терористичката група Картел де лос солес“, рече Валц.
Вашингтон кон крајот на минатиот месец го означи Картел де лос солес, или Картел на сонцето, како странска терористичка организација поради неговата наводна улога во увозот на дрога во Соединетите Држави. Исто така го обвини Мадуро дека го предводи картелот. Венецуелската влада ги нарече ваквите тврдења „смешни“, а групата „непостоечка“.
„Оваа тековна интервенција би можела да стане образец за идни акти на сила против латиноамериканските земји“, рече рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја осврнувајќи се на неодамнешниот стратешки документ на Трамп во кој се наведува дека САД ќе ја вратат својата доминација на западната хемисфера.
Валц зборуваше на седницата на Советот за безбедност на ОН по Небензја, но не одговори директно на неговите забелешки. „Кина ги повикува САД веднаш да ги прекинат своите постапки и да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите“, изјави Сун Леи, заменик-амбасадор на Кина во ОН. Венецуела, со поддршка на Русија и Кина, побара свикување на вчерашната седница на Советот и втора по повод ескалацијата на тензиите.
„Нека биде јасно еднаш засекогаш дека нема војна на Карибите, нема меѓународен вооружен конфликт и нема локален, поради што е апсурдно американската влада да се обидува да ги оправда своите постапки со примена на правилата на војната. Заканата не е Венецуела. Заканата е американската влада“, изјави венецуелскиот амбасадор во ОН, Самуел Монкада.






