Нацртот со кој се утврдува новиот план беше одобрен во текот на викендот од шефовите на држави и влади на самитот на Африканската унија (АУ) во главниот град на Етиопија, Адис Абеба.
„Концептот е прифатен“, рече денеска Џон Нкенгасонг, раководител на Африканските центри за контрола и превенција на болести.
Здравствената организација на Африканската унија ќе ги обезбеди основите за новото тело, наречено Африканска служба за подготвеност и одговор АПРА.
Африканските центри за контрола и превенција на болести ќе се обидат да ги здружат ресурсите на африканските земји и да ги координираат мерките за борба против ковид-19. Новата организација ќе има автономна структура, која ќе ѝ даде широки овластувања и ќе ѝ овозможи директно да поднесува извештаи до африканските влади.
„Една од главните задачи на организацијата ќе биде да смисли акциона програма за брзо реагирање на идните пандемии“, рече Олив Шишана, шефица на комисијата за ковид-19 на АУ. Таа смета дека финансирањето на новата организација не би требало да биде проблем.
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот во Африка се документирани 10,8 милиони случаи, но експертите веруваат дека вистинскиот број е многу поголем поради голем број непријавени случаи на континентот, каде што живеат 1,3 милијарди луѓе.
Џон Нкенгасонг најави дека во наредните недели ќе бидат покренати неколку иницијативи за мобилизирање на младите Африканци, кои треба да помогнат во кампањите за вакцинација. Предвидено е и учество на црквата и на верските групи.






