четврток, 18 декември 2025

Абортус во ЕУ: Парламентот бара фонд за жени од земји каде што е забранет

Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која се повикува на формирање европски фонд за помош на жените кои не можат да пристапат до безбеден и легален абортус во своите матични земји.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Овој финансиски механизам за солидарност, за кој се гласаше вчера, ќе им овозможи на земјите-членки на доброволна основа да обезбедат пристап до прекинување на бременоста на жени од други земји-членки на ЕУ каде што е законски забрането, пишува Јуроњуз.

Во резолуцијата се наведува дека многу жени во Европа сè уште немаат целосен пристап до безбеден и легален абортус. Ситуацијата драстично се разликува помеѓу земјите-членки – додека Малта има целосна забрана, во Полска абортусот е дозволен само ако бременоста е резултат на сексуално насилство или ако постои ризик за здравјето на жената.

Во јануари 2021 година, Полскиот уставен суд дополнително го заостри законот, забранувајќи абортуси во случаи на фетални малформации.

Од друга страна, некои земји презедоа чекори за да го гарантираат ова право. Според Европскиот атлас на политики за абортус 2025, Франција го вклучи абортусот во својот устав, додека Луксембург и Холандија ги укинаа задолжителните периоди на чекање. Сепак, во други земји-членки забележани се нови ограничувања, зголемено вознемирување на давателите на услуги за абортус и ширење дезинформации.

Резолуцијата на Парламентот е одговор на Европската граѓанска иницијатива наречена „Мој глас, мој избор“, која собра повеќе од 1,1 милион потписи во сите 27 земји-членки. Граѓанските иницијативи им овозможуваат на граѓаните да ги повикаат институциите на ЕУ да предложат нови закони, а откако ќе соберат еден милион потписи од најмалку седум земји, Парламентот за нив мора да расправа.

Текстот беше усвоен со 358 гласови „за“, 202 „против“ и 79 „воздржани“. Либералните, социјалистичките и левичарските групации го поддржаа, додека десничарските и крајно десничарските групи беа претежно против. Европската народна партија, најголемата група во Парламентот, беше поделена.

Во резолуцијата исто така се повтори повикот на Парламентот правото на абортус да биде вклучено во Повелбата за фундаментални права на ЕУ, барање што првпат го поднесе во април 2024 година.

Резолуцијата беше остро критикувана од организациите против абортус. Италијанската невладина организација „Про Вита и Фамилија“ го нарече предложениот механизам „абортус Еразмус“ и го осуди како „поттик што ќе ги турне државите да се натпреваруваат за средствата на ЕУ преку промовирање на уништување на невини животи“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ