вторник, 16 декември 2025

5 муслимани во џамија во Германија планирале напад со автомобил на божиќен саем

Германската полиција уапси петмина мажи осомничени за планирање терористички напад со автомобил на божиќен саем во Долна Баварија, Германија. Властите велат дека планирањето било во многу рана фаза и заканата била спречена на време, објави Јуроњуз.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Осомничените биле уапсени во петокот вечерта во операција на специјалните сили, само два дена откако безбедносните служби добиле информации за нив. Апсењата, според извештаите на медиумите, се случиле во близина на граничниот премин Субен на германско-австриската граница.

Меѓу успсените се 56-годишен Египќанец, тројца Мароканци на возраст од 22, 28 и 30 години и 37-годишен Сириец. По сослушувањето пред судија во саботата, на четворица им е одреден притвор, додека еден е ставен во превентивен притвор.

Главниот осомничен е Египќанец, опишан како исламски проповедник, кој наводно повикал на напад за време на собир во џамија во областа Динголфинг-Ландау. Властите велат дека тој ги повикал следбениците со возило на божиќен пазар да убијат или повредат што е можно повеќе луѓе. Кривичниот законик го класифицира таквото дело како обид за убиство.

Тројца Мароканци се осомничени дека се согласиле да го извршат нападот, додека еден Сириец е осомничен дека ги охрабрувал да го сторат тоа. Иако се верува дека мотивот е исламистички, не е утврдена никаква врска со терористичката организација Исламска држава.

Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, во неделата изјави дека според досегашната истрага, немало конкретни планови за напад „на одреден ден или на одреден божиќен саем“. Не беше откриено кој саем бил цел, особено затоа што саемите во Динголфинг и блискиот Ландау завршија на 7 декември.

„Заканата беше запрена во многу рана фаза“, рече Херман, додавајќи дека не верува дека нападот бил непосреден. Тој им се заблагодари на безбедносните сили за нивната ефикасност, велејќи дека апсењата спречиле „потенцијално исламистички мотивиран напад во Баварија“. Истрагата продолжува со анализа на запленети технички уреди, вклучително и мобилни телефони.

И покрај апсењата, божиќните пазари во округот Динголфинг-Ландау продолжуваат со работа според планот, потврди администраторот на округот Вернер Бумедер. Безбедносните мерки нема да бидат дополнително заострени бидејќи нивото на закана веќе беше оценето како „апстрактно високо“ на почетокот на сезоната. Присуството на полицијата останува зголемено, со проверки на луѓе и торби и следење на забраната за носење ножеви што стапи на сила во октомври 2024 година.

Божиќните саеми во Германија беа цел на напади во последните години. Во декември 2016 година, исламистички радикал со камион влета во толпа на божиќниот саем Брајтшајдплац во Берлин, при што загинаа 13 лица. Минатата година, во напад со автомобил на саем во Магдебург загинаа шест лица, а 338 беа повредени. Судењето на сторителот на тој напад е во тек.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ