Зборувајќи во емисијата „Средба со медиумите со Кристен Велкер“ на Ен-би-си, Венс рече дека рускиот претседател Владимир Путин направил неколку отстапки, вклучително и тоа дека Украина ќе добие безбедносни гаранции што ќе ја заштитат од идна руска агресија, објави Ројтерс.
„Мислам дека Русите направија значајни отстапки кон претседателот Трамп за прв пат по три и пол години од овој конфликт“, рече Венс во вчера емитуваните коментари.
„Тие признаа дека нема да можат да инсталираат марионетски режим во Киев. Тоа, секако, беше главното барање во почетокот. И важно е што тие признаа дека ќе има некаков вид безбедносна гаранција за територијалниот интегритет на Украина.“
Руската инвазија на Украина, започната во февруари 2022 година, предизвика конфликт во кој загинаа десетици илјади луѓе. Во замена за прекин на руските напади, Путин бара Украина да го предаде целиот источен Донбас, да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, да остане неутрална и да спречи во земјата да влезат западни трупи, изјавија извори за Ројтерс минатата недела.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју емитувано вчера изјави дека група земји, вклучувајќи ги и постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, треба да дејствуваат како гаранти на безбедноста на Украина.
Во петокот американскиот претседател Доналд Трамп ја обнови својата закана дека ќе воведе санкции врз Русија ако во рок од две недели нема напредок кон мирно решение во Украина, покажувајќи фрустрација од Москва една недела по средбата со Путин во Алјаска.
Венс рече дека за санкциите ќе се одлучува за секој случај поединечно, признавајќи дека новите казнени мерки веројатно нема да ја принудат Русија да се согласи на прекин на огнот со Украина.
Тој посочи на одлуката на Трамп оваа година да воведе дополнителна царина од 25% на индиските стоки како казна за купувањето руска нафта, велејќи дека таквата економска моќ е токму алатката што ќе се користи за постигнување мир.
„Тој се обиде јасно да стави до знаење дека Русија може да биде вратена во светската економија ако го запре убивањето, но дека ако не го запре убивањето, ќе остане изолирана“, рече Венс.






