За време на говор во Северна Каролина тој коментираше за постот на Трамп на социјалната мрежа Трут соушал во кој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и кажа дека Украина би можела да се врати на своите стари граници или дури да освои дополнителна територија со помош на „Европа“.
„Мислам дека претседателот станува неверојатно нетрпелив со Русите, бидејќи не мисли дека тие нудат доволно за да се стави крај на војната“, оцени денес Венс.
Ставот на Соединетите Американски Држави е дека актуелниот конфликт е лош за Русија, за Украина, но и за Америка, и дека треба да престане што е можно поскоро, додаде американскиот потпретседател.
„Ако Русите одбијат да преговараат со добра волја, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за нивната земја. Тоа не е промена на ставот, туку е признавање на реалноста на теренот“, кажа Венс.
Според него, Трамп им презентирал аргументи за прекин на конфликтот и на Владимир Зеленски и на рускиот претседател Владимир Путин. Сега тој ги разгледува извештаите за бројот на смртни случаи и економските индикатори и верува дека продолжување на конфликтот би можело да биде лошо за Москва, објасни Венс.
Изненадувачката порака од американскиот претседател беше протолкувана во Лондон како лоша услуга за Киев. Така, Телеграф забележа дека Трамп не ветил дополнителна поддршка на Киев, ниту понатамошен притисок врз Москва, туку „ја префрлил топката на Европа и НАТО“. Во меѓувреме, Економист изрази страв дека Трамп „ги измил рацете“ од Украина и ги оставил Киев и Европа сами да се борат против Москва.
Русија одговори на објавата на Трамп оценувајќи дека американскиот претседател е неинформиран и премногу го слуша Зеленски.
„Терминот „хартиен тигар“ беше употребен во врска на нашата економија… Русија во никој случај не е тигар, сепак Русија е повеќе поврзана со мечка, а хартиени мечки не постојат“, кажа Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател.






