„Дефинитивно добивме многу повеќе отколку што имавме во почетокот“, рече Венс во интервју во емисијата на Мегин Кели, пренесува Би-би-си.
Тој сугерираше дека „рамката на идниот договор“, која американскиот претседател Доналд Трамп ја претстави минатиот месец, би била од корист за Соединетите Држави.
Најавата на Трамп дојде како олеснување по растечките стравувања дека САД се подготвени да употребат сила против сојузничката членка на НАТО, Данска, за да го преземат нејзиниот полуавтономен арктички остров. Трамп тврди дека Гренланд е неопходен за одбрана од можни напади од Русија и Кина.
И Данска и Гренланд соопштија дека нема да прифатат откажување од суверенитетот, а нивните европски сојузници застанаа во нивна поддршка.
Гренланд е ретко населен, но поради својата положба меѓу Северна Америка и Арктикот има значајна улога за системите за рано предупредување во случај на ракетни напади.
Трамп, без да изнесе докази, тврдеше дека островот е „преполн со руски и кинески бродови насекаде околу него“. Тој исто така рече дека САД мора да го поседуваат Гренланд за да можат соодветно да го бранат.
Повеќе од 100 американски војници постојано се распоредени во американската база на северозападниот крај на Гренланд – објект со кој САД управуваат уште од Втората светска војна.
Врз основа на постојните договори со Данска, Соединетите Држави имаат право да испратат на Гренланд онолку војници колку што сакаат.
Венс не даде детали за тоа што точно содржи планот на Трамп, а што претходно не им било достапно на САД, но ги повтори тврдењата дека Кина и Русија имаат амбиции кон тој арктички остров.
„Едно од непишаните правила, кое сите го знаат, е дека кога Кинезите или Русите би загрозиле некој од нашите клучни системи за ракетна одбрана, ние нужно би го бранеле тоа. Но за возврат не добиваме ништо“, рече американскиот потпретседател.
Тој додаде: „Ајде малку да ги преработиме правилата и да кажеме дека, ако Соединетите Држави го штитат целиот светски систем за ракетна одбрана – пред сè својот, но од тоа имаат корист и други – тогаш треба да добиеме некаква корист од тој договор.“
Не е јасно дали Венс мислел на природните ресурси на Гренланд – вклучувајќи ретки земјени минерали, ураниум и железо – кои стануваат подостапни со топењето на мразот поради климатските промени.
Научниците сметаат дека островот би можел да има и значајни резерви на нафта и гас. Трамп изјави дека „рамковниот договор“ би подразбирал пристап до минералните ресурси на Гренланд.
Американскиот потпретседател потоа ги обвини европските сојузници за дволичност.
„Интересно е како Европејците приватно се многу пријателски расположени и подготвени да направат многу отстапки, а потоа јавно нè напаѓаат. Извинете, но тоа е сè бесмислица. Идејата дека не направиле никакви приспособувања или отстапки кон Соединетите Држави едноставно не е точна“, рече тој.






