понеделник, 15 декември 2025

Венецуелскиот претседател Мадуро ги повика резервистите, милицијата и младите да научат да пукаат

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги повика резервистите, членовите на милицијата и младите луѓе денес да отидат во касарните, да „научат да пукаат“, во време кога Соединетите Американски Држави распоредија воени бродови кај Карибите како дел од наводната операција против дрога што ја сметаат за „закана“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во сабота, народот, членовите на општините, членовите на милицијата, резервистите и младите луѓе… да дојдат во касарните на обука и да научат на стрелиштата да пукаат за одбрана на татковината“, кажа Мадуро синоќа.

Тој зборуваше на телевизиска церемонија за младите од неговата партија, Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ).

„Сите Венецуелци кои се регрутирани и кои се резервисти и членови на милицијата се поканети да дојдат во воена касарна“, кажа тој по танцувањето и пеењето во весела атмосфера.

„Ние сме пристојна нација, весела, но ние сме нација на горди воини, имаме највисоко ниво на мобилизација, професионална подготовка“, кажа Мадуро.

Во последните недели, тој го повика населението да се придружи на милицијата, високо политизирано тело формирано од покојниот претседател Хуго Чавез, а во исто време најави распоредување на 25.000 припадници на вооружените сили на границите и план за одбрана.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп распореди воени сили на Карибите, повикувајќи на борба против наркокартелите, што предизвика зголемени тензии во односите со Венецуела.

По неодамнешното распоредување воени бродови во регионот, Вашингтон објави дека го зајакнува своето воено присуство со испраќање десет борбени авиони Ф-35 во Порторико, територија блиску до САД.

Вашингтон го обвинува венецуелскиот претседател Мадуро за водење мрежа на дилери на дрога.

Минатата недела, Трамп објави дека САД погодиле „брод што превезува дрога“, убивајќи 11 „наркотерористи“. Трамп ги претстави како членови на картелот Трен де арагва, венецуелски картел кој е распространет низ неколку земји, и ги класифицираше како терористичка организација.

Мадуро го осуди военото присуство на САД. Тој постојано негира каква било поврзаност со трговијата со дрога, иако двајца внуци на неговата сопруга се осудени во Њујорк за трговија со кокаин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ