петок, 9 јануари 2026

Венецуела под Мадуро префрлила во Швајцарија злато вредно 5,2 милијарди долари

Венецуела во текот на првите години од власта на заробениот претседател Николас Мадуро префрлила во Швајцарија злато во вредност од речиси 4,14 милијарди швајцарски франци (околу 5,2 милијарди долари)покажуваат податоците на царината.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците во кои имал увид Ројтерс, јужноамериканската земја од 2013 година, кога Мадуро ја презеде функцијата, до 2016 година извезла вкупно 113 метрички тони злато во Швајцарија.

Швајцарскиот јавен сервис СРФ наведе дека златото е од Централната банка на Венецуела, во време кога владата продавала дел од своите резерви на злато за да ја поддржи пропаднатата економија.

Царинските податоци покажуваат дека од 2017 година, кога беа воведени санкциите на Европската Унија, до 2025 година, немало извоз на злато од Венецуела во Швајцарија.

Американските специјални сили го грабнаа Мадуро на 3 јануари во Каракас и го одведоа во Њујорк за наводна трговија со дрога и „наркотероризам“.

Во понеделникот Швајцарија нареди замрзнување на средствата кои Мадуро и 36 негови соработници ги имаат во таа земја, но не даде информации за можната вредност или потекло на тие средства. Не е познато дали постои каква било врска помеѓу имотот и златото кое претходно било префрлено од Централната банка на Венецуела, објави Ројтерс.

Според СРФ, златото од венецуелските резерви најверојатно било префрлено во Швајцарија за преработка, сертификација и понатамошен транспорт.

Швајцарија е еден од најголемите светски центри за преработка на злато. Централната банка на Венецуела, соочена со санкциите на САД, ги продаваше своите златни резерви за да ја поддржи економијата и да обезбеди странски валути.

„Од 2012 до 2016 година имаше масовна продажба на злато од големата нужда од страна на Централната банка на Венецуела. Голем дел од тоа злато заврши во Швајцарија“, кажа Рона О’Конел, пазарен аналитичар во Стоун Икс.

Според неа, златото потоа би можело да остане кај партнери во финансискиот сектор или да се продаде, во форма на помали прачки, во Азија или било каде во светот.

Извозот на злато од Венецуела во Швајцарија падна на нула во 2017 година, кога Европската унија воведе санкции врз одредени венецуелски функционери обвинети за кршење на човековите права и поткопување на демократијата. Швајцарија ги усвои тие санкции на почетокот на 2018 година, иако тие не вклучуваа општа забрана за увоз на венецуелско злато.

„Веројатно дојде до остар пад на извозот бидејќи Централната банка на Венецуела едноставно остана без злато“, заклучи О’Конел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ