Фотографиите и снимките од гладни деца во Газа го шокираа светот во последните денови, а меѓународната агенција што ја проценува заканата од глад предупреди дека палестинската енклава се соочува со најлошото сценарио и дека е потребна итна акција за да се спречат масовни смртни случаи.
Лабуристичкиот премиер Кир Стармер му даде рок на Израел до септември, што брзо беше критикувано од неговиот колега Бенјамин Нетанјаху, кој го обвини дека го наградува Хамас и дополнително ги казнува жртвите од терористичкиот напад на групата врз Израел на 7 октомври 2023 година.
„Џихадистичка држава на границите на Израел денес ќе ја загрози Велика Британија утре“, рече израелскиот премиер.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја заврши петдневната посета на Шкотска во вторник, верува дека Хамас „не треба да биде награден“ со признавање на палестинската државност.
Хајди Александар, британската министерка за транспорт назначена во среда за претставник на владата за да одговара на прашања од новинари, рече дека критиките од Израел се погрешно толкување на британскиот план.
„Не станува збор за наградување на Хамас. Хамас е подмолна терористичка организација која изврши ужасни злосторства. Станува збор за палестинскиот народ. Децата што ги гледаме во Појасот Газа, кои умираат од глад“, изјави таа за радио ЛБЦ.
„Ќе го зголемиме притисокот врз израелската влада да ги укине ограничувањата и да дозволи хуманитарната помош да се врати во Газа“, додаде таа.
Франција минатата недела објави дека ќе ја признае Палестина во септември, а нејзиниот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, на платформата Икс денес изјави дека Париз „колективно ги повикува другите земји“ да ја признаат Палестина, според агенцијата Франс Прес.
Сукцесивните британски влади тврдеа дека ќе ја признаат палестинската државност кога ќе биде можно.
Стармер во говорот во вторник рече дека моментот е дојден. Тој го истакна раширеното страдање во Газа и предупреди дека решението за две држави – Израел и Палестина – сега е во опасност.
Лидерот на лабуристите изјави дека Лондон ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, освен ако Израел не преземе значајни чекори кон испраќање дополнителна помош во Газа, не стави јасно до знаење дека нема да има анексија на окупираниот Западен Брег и изрази посветеност на долгорочен мировен процес со цел две држави.
Шпанија, Ирска, Норвешка и Словенија ја признаа Палестина минатата година, а Малта објави дека ќе им се придружи оваа година.






