вторник, 9 декември 2025

Вечерва се водат преговори меѓу Украина и Русија

Делегации на Русија и Украина отпатуваа денеска за Истанбул, каде што треба да се одржи третата рунда директни преговори, но двете страни велат дека тие нема да бидат лесни, пренесуваат агенциите. Кремљ објави дека разговорите ќе се одржат во среда навечер, додавајќи дека нема да бидат лесни.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека неговите очекувања не се големи, велејќи дека деталните преговори за прекин на огнот не се на дневен ред.

Состанокот во среда наместо тоа треба да се фокусира на напредокот во враќањето на украинските воени затвореници и децата киднапирани од Русија, како и на подготовките за состанок на претседателско ниво, изјави Зеленски пред дипломатите во понеделник.

Претходните две рунди преговори, чиј домаќин беше Истанбул на 16 мај и 2 јуни, не донесоа конкретен напредок во врска со прекинот на огнот. Тие завршија само со договор за размена на затвореници и враќање на посмртните останки на војниците.

Состаноците беа поттикнати од притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп. Третата рунда доаѓа откако Трамп неодамна изрази незадоволство од Москва поради напорите за прекин на војната и се закани со санкции.

„Потребен ни е поголем импулс во преговорите за да се стави крај на војната“, рече Зеленски, објаснувајќи го своето инсистирање на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Додека Киев инсистира на безусловно примирје за да се овозможат преговори за завршување на конфликтот, Русија се држи до своите максимални барања, вклучително и целосно повлекување на украинските трупи од источните региони нелегално анектирани од Москва.

Руската делегација повторно ќе ја предводи советникот на претседателот и поранешен министер за култура Владимир Медински, според Кремљ.

Украинскиот тим ќе го предводи поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој во меѓувреме е именуван за шеф на Советот за национална безбедност и одбрана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ