сабота, 7 март 2026

Вашингтон пост: Русија на Иран му доставува разузнавачки податоци за гаѓање на американските сили

Русија на Иран му обезбедува информации за гаѓање, кои ги вклучуваат локациите на американските воени бродови и авиони на Блискиот Исток, објави денес Вашингтон пост, повикувајќи се на тројца службеници запознаени со разузнавачките податоци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Степенот на руската поддршка за Иран не е сосема јасен, но способноста на иранската војска да ги лоцира американските сили ослабе откако Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади врз Техеран минатата недела, објави весникот, а пренесува Ројтерс.

Во меѓувреме војната ескалираше, предизвикувајќи одмазднички напади од страна на Иран и вовлекувајќи ги соседните земји во конфликтот, бидејќи Иран се обидува да им наплати висока цена на САД, Израел и нивните сојузници.

Американската војска идентификуваше шестмина резервисти кои беа убиени во Кувајт кога дрон погоди американски воен објект во пристаништето Шуаиба. Трамп и други високи функционери предупредија дека конфликтот веројатно ќе доведе до повеќе смртни случаи меѓу американските војници.

Портпаролката на Белата куќа не коментираше директно за наводната руска поддршка за Иран.

„Иранскиот режим е целосно скршен. Нивниот одговор со балистички ракети слабее секој ден, нивната морнарица е уништена, нивните производствени капацитети се уништуваат, а нивните сојузници едвај даваат отпор“, изјави портпаролката на Белата куќа Ана Кели, во изјава како одговор на прашањата на Ројтерс.

Кремљ во петокот објави дека Русија е во дијалог со претставници на иранското раководство, без да даде одговор на прашањето на новинарите дали Москва му помага на Техеран.

Конфликтот неочекувано и користи на Русија, со значителното зголемување на побарувачката за нејзината нафта и гас, зголемувајќи го извозот ослабен во последните години поради санкциите поврзани со војната во Украина. За време на војната на Русија против Украина, САД му доставуваат разузнавачки информации на Киев.

Руската амбасада во Вашингтон и руската мисија во Обединетите нации во Њујорк не одговориле веднаш на барањата за коментар, наведува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ