Во понеделник, потсетува Вашингтон пост, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека вториот напад овој месец е извршен врз брод за кој тврди дека превезувал нелегални наркотици. Приложената снимка го прикажува малиот брод како плови неподвижно на море, а потоа експлодира во огнена топка.
Footage released showing today’s strike by the U.S. Air Force and/or Navy against a narco-terrorist vessel containing three cartel members in the Southern Caribbean Sea, off the coast of Venezuela. pic.twitter.com/FkwvVXJpUw
— OSINTdefender (@sentdefender) September 15, 2025
„Нападот се случил додека овие потврдени наркотерористи од Венецуела биле во меѓународни води превезувајќи нелегални наркотици (смртоносно оружје кое ги труе Американците!) во САД“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушал. Според него, три лица на бродот биле убиени во нападот. Две недели претходно, тој објави сличен напад во кој загинаа 11 лица. Нападите дојдоа по зголемувањето на силите на американската морнарица во близина на Венецуела.

Трамп војува сам, без Конгресот
Ова отворено проширување на претседателските воени овластувања потсетува на војната против теророт на Џорџ В. Буш во 2000-тите. Но, Буш тогаш ги претстави своите аргументи пред нацијата и побара дозвола од Конгресот. Денешниот претседател, според Вашингтон пост, истите методи на војна против теророт ги носи на Западната хемисфера – сам, без одобрение од законодавците.
Извештајот на Трамп до Конгресот за првиот напад овој месец ја вклучуваше реченицата: „Во овој момент не е можно да се знае целосниот обем и времетраењето на воените операции кои ќе бидат потребни“. Како правна основа, тој исклучиво ги наведе „уставните овластувања на врховниот командант“. Со други зборови: недефиниран конфликт без јасен крај.
Опасен преседан
Претседателот има право да одбие непосредни воени напади врз Соединетите Американски Држави без да чека на Конгресот. Но, прогласувањето на шверцот со дрога како таков напад го продолжува терминот до непрепознатливост, Истакнува Вашингтон пост.
Традиционално американската Крајбрежна стража ги пресретнувала осомничените шверцери. Прогласувањето на наркокартелите за терористичка група само по себе не значи дека тие се легитимни воени цели. Ако шверцерите сега се непријателски борци во војна, што би ја спречило војската да ги спроведува истите операции на американска почва без судење?
Во такви ситуации правните аргументи тешко држат вода. Ако претседателот сака да употреби сила, ќе најде адвокати од извршната власт кои ќе му дадат покритие, а судовите нема да го спречат. Но, јавноста барем треба да биде свесна за политичкото преземање на моќта.
Војна без крај
Причините за еднострано дејствување – дека ситуацијата е вонредна или дека Конгресот веќе одобрил употреба на сила – тука не важат. Вашингтон пост веќе предупреди дека употребата на воена сила во странство може да биде поврзана со агендата за депортација на Трамп, користејќи ги одредбите од Законот за непријателски странци.
Трамп можеби има аргументи за зголемување на американското воено присуство околу Венецуела, но администрацијата не објасни зошто е неопходна силата, кои се целите и кога треба да завршат операциите. Добредојдовте во Војната против теророт 2.0, заклучува американскиот весник.






