понеделник, 8 декември 2025

Варуфакис: Европа нема план ни за мир ни за војна, мешавина сме од идиоти и кривци

Поранешниот грчки министер за финансии (2015, во времето на најголемата криза), економист и публицист Јанис Варуфакис изминатите денови престојуваше во Словенија, каде што во две распродадени вечерни програми во Цанкарев дом на публиката ѝ ги претстави своите размислувања за општествените и економските предизвици на денешницата. Економист, универзитетски професор, автор и еден од најострите критичари на европскиот политички естаблишмент, тој говореше и во интервју за словенечката јавна телевизија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Варуфакис таму за првпат ја претстави својата нова книга „Подигни го духот! Лекции од едно столетие отпор“, во која, како што истакнува, зборува и за жените што силно го обликувале неговиот политички светоглед и неговата блискост со феминистичкото движење.

Но многу помалку благонаклонет е кон жените што денес, според него, одлучуваат за судбината на Европејците — претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и естонската премиерка Каја Калас.

Особено остар беше во освртите за војната во Газа, која ја нарече геноцид, нагласувајќи дека тоа, според неговото мислење, не е прв ниту единствен случај на европска коодговорност за такви злосторства.

„Единственото за кое нашето европско политичко водство — ако воопшто може така да се нарече — денес жали е тоа што не го извршиле сами геноцидот во Палестина. Беа само статисти. Други го правеа тоа, а Европејците беа соучесници. На чело со Урсула фон дер Лаен, која стоеше пред тенковите на израелските одбранбени сили непосредно пред нападот врз Газа, без никаков мандат или дозвола од кого било од нас во Европа“, рече Варуфакис.

Говорејќи за војната во Украина, Варуфакис тврдеше дека Европа ни денес нема демократски мандат за, како што вели, безглаво задолжување и понатамошно вооружување. „Европа нема план ниту за мир ниту за војна. Станавме мешавина од идиоти и кривци. Таква слика проектираме кон остатокот од светот. Така нè гледаат Индијците, Мексиканците, глобалниот југ, а не само Доналд Трамп и кинескиот претседател Си“, рече тој.

„ЕУ не е релевантна“
Според него, Европската Унија повеќе не е релевантен соговорник во светската политика. Дури смета дека 2025 година ќе остане во историјата како година на распадот на Европската Унија. Притоа предупреди на, како што ја нарече, отровната иронија:

„Богат континент сме со сиромашни луѓе. Осумдесет проценти од луѓето не можат да преживеат на еден богат континент. Тоа е исклучително зол и токсичен парадокс што создава незадоволство и ја храни ѕверката на неофашизмот, расизмот, исламофобијата и антисемитизмот“, рече Варуфакис.

И покрај сето тоа, самопрогласениот либерален марксист и косоосновач на движењето Демократија во Европа 25 за себе вели дека е непоправлив оптимист. „Судбината на левицата е да преминува од еден пораз во друг. Во меѓувреме се надеваме дека ќе се случи чудо и дека еден ден ќе победиме“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ