Ванг Ји истакна дека оваа година се одбележува 30-годишнината од стратешкото партнерство за координација меѓу Кина и Русија и 25-годишнината од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Кина и Русија.
„Во свет што е флуиден и турбулентен, кинеско-руските односи останаа цврсти како карпа покрај сите предизвици. Како се постигна тоа? Мислам дека главната причина е што кинеско-руското стратешко партнерство за координација уште од самиот почеток се темели на еднаквост, почит и заемна корист. Тоа го претставува правецот на новиот тип на односи меѓу големите земји“.
Ванг Ји забележа дека Кина и Русија се стратешки независни. „Ние секогаш ги почитуваме клучните интереси на другата страна и не ja наметнуваме волјата или агендата на едната страна врз другата. Меѓусебната доверба меѓу Кина и Русија е на високо ниво. Кина и Русија дејствуваат во блиска координација. За важни меѓународни и регионални прашања, Кина и Русија ги споделуваат стратешкиот консензус и стратешката координација, вклучително и одбраната на меѓународното право. Осумдесет години по Втората светска војна, Кина и Русија заедно ќе додадат нова енергија во доаѓањето на мултиполарниот свет“, рече шефот на кинеската дипломатија.
За односите со САД, Ванг Ји, рече дека односите меѓу двете земји имаат далекусежни и глобални импликации.
„Ако го свртиме грбот едeн на друг, ќе направиме погрешна перцепција и проценка. Конфронтацијата ќе го повлече целиот свет надолу. Никој никого тука не може да го преобликува другиот, но можеме да се посветиме на заемна почит, сожителство и во мир да се стремиме кон перспективата на соработка за заедничка добивка. Токму тоа им служи на интересите и на кинескиот и на американскиот народ, а тоа го очекува и меѓународната заедница“.

Ванг Ји рече дека охрабрувачки е да се види како претседателите на двете земји даваат пример одржувајќи добри интеракции на највисоко ниво. „Тие обезбедија важна стратешка заштита односите меѓу Кина и САД да се подобрат и да е движат напред. Оваа година е ‘голема година’ за односите Кина-САД. Агендата за средби на високо ниво е веќе на маса. Сега двете страни треба темелно да се подготват и да ги отстранат непотребните пречки. Кина е секогаш посветена и отворена. И американската страна треба да работи во иста насока. Верувам дека кога двете страни ќе се однесуваат со искреност и во добра волја, листата за соработка ќе биде голема, а ќе ја скратиме листата со проблеми. Треба 2026 година да ја направиме година на здрав, стабилен и одржлив развој на односите меѓу Кина и САД“, рече Ванг Ји.

Александар Дамовски, Пекинг






