четврток, 18 декември 2025

Уставниот суд на Тајланд ја разреши премиерката: Во телефонски разговор ги прекршила етичките стандарди

Уставниот суд на Тајланд денеска ја разреши премиерката Паетонгтарн Шинаватра поради кршење на етичките стандарди, по само една година на власт, што претставува нов тежок удар за политичката династија Шинаватра и може да отвори пат кон нов период на превирања, пренесува Ројтерс.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Паетонгтарн, која беше најмладата жена премиер во историјата на Тајланд, стана шестиот премиер поддржан од милијардерот Шинаватра и од семејството, кој беше отстранет од власт од страна на војската и судството во дводецениската борба за власт меѓу ривалските елити во земјата.

Во пресудата се вели дека Паетонгтарн ги прекршила етичките стандарди во протечениот телефонски разговор од јуни, за време на кој таа наводно покажала понизност кон поранешниот камбоџански лидер Хун Сен, во време кога двете земји биле на работ на вооружен конфликт на границата. Борбите избувнаа неколку недели подоцна и траеја пет дена.

Одлуката му го отвора патот на парламентот да избере нов премиер, што би можело да биде долг процес, бидејќи владејачката партија Феу Таи под Паетонгтарн ја изгуби преговарачката моќ и се соочува со предизвикот да ја зачува кревката коалиција со тесно мнозинство.

Оваа пресуда предвреме го заврши мандатот на ќерката и политичка следбеничка на влијателниот тајкун Таксин Шинаватра, кој е исто така државјанин на Црна Гора.

Паетонгтарн, беше политички почетник кога одеднаш се најде во центарот на вниманието откако нејзиниот претходник Срете Тависин беше разрешен од истиот суд минатата година, според Ројтерс.

Паетонгтарн се извини за протечениот разговор, наведувајќи дека се обидувала да спречи војна.

Вниманието сега е насочено кон прашањето кој ќе ја замени Паетонгтарн, при што се очекува Таксин Шинаватра да биде во центарот на политичкото пазарење меѓу партиите и другите центри на моќ, во обид да го задржи Феу Таи на чело на коалицијата.

Вицепремиерот Пумтам Вечајачаи и сегашниот кабинет ќе ја водат владата во технички мандат додека парламентот не избере нов премиер, без временско ограничување кога тоа мора да се случи.

Одлуката на Уставниот суд го турка Тајланд во уште поголема политичка неизвесност во време кога јавното незадоволство тлее поради застојот на реформите и закочената економија, за која централната банка предвидува раст од само 2,3 отсто оваа година.

Секоја евентуална администрација на Феу Таи веројатно би била кревка коалиција со тесно мнозинство, предмет на чести парламентарни предизвици од опозицијата која ужива силна јавна поддршка и се залага за предвремени избори.

„Именувањето нов премиер… ќе биде тешко и може да потрае доста долго“, рече Ситорн Тананитихот, политиколог на Универзитетот Чулалонгкорн.

„Не е лесно да се натераат сите страни да се согласат за интересите. Феу Таи ќе биде во неповолна положба“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ