четврток, 26 март 2026

Уставниот суд на Косово поништи декрет на претседателката, парламентот има месец да избере претседател на државата

Парламентарците на Косово имаат повеќе од еден месец да изберат нов претседател на земјата, откако Уставниот суд вчера го поништи указот на актуелната претседателка Вјоса Османи за распуштање на Собранието.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На 6 март Османи издаде декрет со образложение дека исполнува уставна обврска бидејќи претседателот не е избран најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател.

Сепак, Уставниот суд утврди дека декретот нема правно дејство.

Во своето образложение, Уставниот суд наведува дека, ако во рок од 34 дена – сметајќи од денот на стапување во сила на одлуката – пратениците не изберат претседател, Собранието се распушта и се распишуваат избори.

Во одлуката Уставниот суд наведува дека Собранието на Косово се распушта во три случаи: ако не се формира влада во рок од 60 дена од назначувањето на носителот на мандатот, ако 2/3 од пратениците гласаат за распуштање на Собранието и ако во рок од 60 дена од почетокот на процедурата претседател на Косово не е избран.

„Судот, земајќи го предвид специфичниот контекст на околностите на конституирањето на Собранието на 11 февруари 2026 година, процени дека Собранието немало на располагање 60 дена, во кои требало да се заврши постапката за избор на претседател“, се наведува во одлуката на Уставниот суд.

Оваа одлука доаѓа откако Уставниот суд воведе привремена мерка на декретот на претседателката Османи до донесување конечна одлука во овој случај.

Барањето за преиспитување на уставноста на указот за распуштање на Собранието го поднесе премиерот на Косово Аљбин Курти во име на владата.

Процесот за избор на претседател на Косово не успеа на 5 март поради немање кворум во Собранието.

Кандидати за претседател беа Глаук Коњуфца и Фатмира Колчаку, кои беа предложени од владејачката партија Самоопределување.

За опозициските партии двете имиња предложени од владата се неприфатливи, а тие инсистираат на политички договор или кандидат прифатлив за сите.

Самата Османи сакаше да се кандидира за втор мандат, но немаше поддршка од политичките партии.

Според Уставот на Косово кандидатот за претседател на Косово мора да има двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците во Собранието, кое има 120 места, или најмалку 80 гласови.

Доколку во првите два круга од гласањето ниту еден кандидат не го освои потребниот број гласови, во третиот круг доволно е просто мнозинство, односно најмалку 61 глас со потребен кворум од 80 присутни пратеници.

Според Уставот, доколку изборите не успеат во три круга, во рок од 45 дена мора да се одржат предвремени парламентарни избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ